This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sun Dec 16 8:34:23 2018 / +0000 GMT

ССК и УЈП заеднички ќе се борат против нерегистрираните бизниси




Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Управата за јавни приходи (УЈП) денеска потпишаа Меморандум за соработка за заеднички да се координираат за регистрирање на субјектите кои немаат регистрирано фирма, a со цел намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција

Меморандумот за соработка помеѓу институциите го потпишаа претседателката на ССК, Данела Арсовска и директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

„Неформалната т.е сивата економија е еден од најголемите проблеми бидејќи оние кои учествуваат во неа неправично и незаконски ги става во повластена положба во однос на оние што си имаат регистрирано фирми и ги исполнуваат законските обврски. Според последните податоци на меѓународните организации, во земјава секоја година фирмите губат до 15 проценти од профитот поради сивата економија во сите сектори. Инспекциските служби треба да практикуваат тие што ќе ги затекнат на терен по службена должност да ги регистрираат за да се воведат во системот, да плаќаат даноци и бидат лојална конкуренција“, изјави Арсовска.

Таа појасни дека тие субјекти никаде не фигурираат, прават милионски профити на црно, а не се регистрирани и работат со готовина.

Анализите на ССК покажаа дека оние кои работат без фирма во старт се повеќе од 50 проценти поконкурентни од регистрираните фирми, поради тоа што не плаќаат ДДВ, не плаќаат продонеси по основ на социјално и пензиско осигурување, тековните трошоци ги плаќаат како лица, наместо да плаќаат индустриска струја и вода како регистрираните фирми, со што, не само што го оштетуваат буџетот, туку и нудат цени пониски и до 50 проценти, кои, регистриран бизнис што ги плаќа сите давачки, не може да ги постигне.

Според извештајот на ОЕЦД во Македонија има 25 отсто учество на сивата економија во вкупната економија, а што се потврди и во извештајот на ЕУ во кој се вели дека сивата економија останува главна пречка за бизнисот и влијае на конкурентноста на формалниот приватен сектор. Просечното ниво во европските земји се движи од 12 до 15 проценти.
Post date: 2018-07-11 16:43:57
Post date GMT: 2018-07-11 14:43:57
Post modified date: 2018-07-11 16:43:57
Post modified date GMT: 2018-07-11 14:43:57
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com