ССК бара да не се укинуваат веќе донесените ДУП-ови, бидејќи компаниите трпат штети


       
Скопје, 19 јули, 2018 - 14:59 (META) 

Да не се укинуваат веќе донесените детални урбанистички планови (ДУП), бидејќи на тој начин се доведува во прашање правната сигурност на инвеститорите во градежниот сектор кои трпат големи финансиски штети.

Ова денеска на прес-конференција го истакна претседателот на Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори (ССК), Ивица Јаќимовски.

Тој додаде дека „самиот процес на прекин на градба значи финански товар и за останатите 26 гранки поврзани со градежништвото, граѓаните кои одлучиле да инвестираа во стан, за самите општини и државата“.

– Инвеститорот започнува со градба на претходно донесен ДУП, од страна на општините, Град Скопје и Министерството за транспорт и врски, поточно градежната компанија не учествува во донесување на ДУП-овите. Укинување на ДУП на готов објект, во кој вложиле и компаниите и граѓаните и сите вклучени во процесот значи огромен финансиски товар. Врз онова на проценките на Градежна комора на Македонија, со моментот на укинување на ДУП-ови делот на мораторим на ДУП-ови кој се води, државата претрпува штета поголема од една милјада евра, како и сите чинители инволвирани во процесот. Донесување на нов ДУП, е сложен процес кој трае повеќе од две години во зависност од носителот на ДУП – вели Јаќимовски.

Тој додаде дека доколку се укине одреден ДУП за изградба на станбен објект, по автоматизам се блокираат сите процеси кои се поврзани со делот на градење.

Градежната комора на Македонија бара внимание за во иднина при донесување на деталните урбанистички планови, бидејќи секое стопирање кога веќе започнал процесот на градба значи штета која не може да се надомести.