!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Српскиот омбудсман бара да се утврди дали во земјата има илегална депортација на мигранти


       
Белград, 22 декември, 2016 - 18:28 (META) 

Српскиот народен правобранител, Саша Јанковиќ, побара да се спроведе истрага за случајот со седумчленото семејство бегалци од Сирија, за кое постојат сомневања дека е жртва на обид за илегална депортација. Официјално објаснување за случајот чекаат и УНХЦР и другите меѓународните организации кои се грижат за третманот на бегалците во Србија.

Семејството од Сирија минатиот викенд беше пронајдено во шума во близина на бугарската граница. Според Гордан Пауновиќ од белградскиот „Инфо парк“, седумчленото семејство било уредно регистрирано во Белград и тргнало кон прифатниот центар во Босилеград, кога по пат биле симнати од автобусот од страна на униформирани лица, кои ги одвеле и ги оставиле во шума во близина на границата со Бугарија.

Мигрантите сведочат дека биле уплашени и премрзнати и дека преку СОС-линијата успеале да го добијат белаградскиот „Инфо парк“ и да го пријават случајот. Акцијата за спасување на мигрантите траела цела ноќ, а кога екипите на итната помош стигнале до нив, три од женските лица во семејството биле во бесознание.

Според Пауновиќ, станува збор за обид за илегална депортација, за што во Србија веќе неколку месеци се зборува дека постои, но досега немало конкренти докази.

Српскиот омбудсман, Саша Јанковиќ, изјави дека издал налог да се изврши контрола за да се утврди дали навистина станува збор за обид за илегална депортација и ако е така, дали во неа учествувале некои од државните органи.

Семејството од Сирија сега е сместено во прифатниот центар во Прешево и никому не му е дозволено да контактира со членовите, со образложение дека се во карантин додека не се завршат сите потребни прегледи и истрагата за случајот.