Србов: Македонија со Договорот со Бугарија се обврзува на потценувачки отстапки


       
Скопје, 16 јануари, 2018 - 14:15 (META) 

Договорот за добрососедство со Бугарија кој што го преговараше владата на Заев, а го ратификуваше мнозинството предводено од СДСМ не е соодветна основа за натамошно зближување базирано на взаемна почит, а неговата примена ќе значи промена на историјата на земјата, изјави денеска Никола Србов од ВМРО-ДПМНЕ.

– Во овој договор Република Македонија се обврзува на нелогични и потценувачки отстапки додека Бугарија нема никакви обврски. Ова е минирање на позициите на сопствената држава и легален инструмент за кочење на Македонија подарен од Заев на Република Бугарија. Договори од ваков тип не се склучуваат под еуфорија на моменталните политички констелации бидејќи тоа е погубно за државата. Македонската посебност како народ сериозно се разнишува со овој договор, преку формирање на комисии кои ќе испорачуваат политички предлози за измени во учебниците кои потоа треба да се реализираат – вели Србов.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека продлабочувањето на односите со Бугарија треба да се базира на економијата и технолошкиот прогрес и дека наместо негирање и потценување, во заемните односи треба да има конструктивност и градење на доверба.