fbpx

Зимскиот центар „Попова Шапка“ за речиси еден век сменил шест сопственици

-

Зимскиот центар „Попова Шапка”, уште во 1924 година е дестинација за планинарите на тогашна Југославија, со што уште на почетоците станува познат центар, а славата набргу се шири низ светот. Но, иако некогаш тука се инвестирало многу, центарот денес е претворен во јалова долина, пишува „Порталб“.

Недостиг на инвестиции, нема жичница со шест седишта, има недостиг на места за паркирање, нерегулираната инфраструктура и нередовното собирање на отпадот… Тоа се дел од причините за уништување на овој туристички центар, но, главната причина за неговото пропаѓање е лошото управување со центар со години.

 

1934-1963 – Планинарско здружение “Шар планина“

Први кои го увиделе и почнале да го искористуваат потенцијалот на Попова Шапка биле луѓето од Планинарското друштво „Шар Планина“, кои во 1934 година го формирале и првото скијачко друштво. Тие, исто така, управувале со овој центар до 1963 година.

Првите инвестиции во Попова Шапка датираат од 1934 година, кога бил изграден првиот планинарски дом со четири соби и 20 кревети. Бил пуштен во употреба на 11 ноември таа година. Потоа, во 1936 година објектот бил проширен и имал 60 соби и 198 кревети.

Во периодот на управување на ова здружение, биле организирани првите локални и меѓународни натпревари, како и првите курсеви по скијање, од кои произлегле многу успешни скијачи.

Изградбата на жичницата со две седишта, во должина од 3 километри, започнала во 1947 година. Таа работела околу две години, но бидејќи столбовите биле изградени од дрво, по две години тие почнале да се распаѓаат. Затоа функционирањето на жичницата прекинало и било скратено до еден и пол километар, и така работи до 1955 година. Од преостанатите делови на жичницата бил изграден мал ски-лифт наспроти хотелите на патеката Мал Јелак.

Во 1962 година е изградена и започнала со работа жичницата Тетово-Лисец со должина од 3.209 метри.

 

1963-1968 – “Нов Живот” Тетово

Во 1963 година управувањето со Попова Шапка го презема Угостителското претпријатие „Нов живот“ – Тетово.

По три години работа на жичницата Тетово-Лисец, во 1965 година, во употреба е пуштен и вториот дел, на потегот Лисец-Попова Шапка, во должина од 2.991 метри. Жичницата имала 100 кабини, со капацитет од 400 луѓе. Времето на патување било 40 минути. Вкупно 103.000 патници ја користеле од 8 март 1965 година, кога почнала со работа, до крајот на годината.

Потоа, во 1965 година, започнала изградбата на ски-лифтот со едно седиште во правец на Церипашина, чија изградба била завршена во 1968 година. Должината била 1.700 метри со капацитет од 370 скијачи на час.

 

1968-1976 „ИНЕКС“ Белград

Угостителското претпријатие „ИНЕКС“ од Белград го презема управувањето со ски центарот во 1968 година.

Тогаш поголемо внимание било посветено на хотелот, затоа и немало инвестиции во терените, ски-лифтовите или жичниците.

Објектот изграден од Планинарското друштво „Шар Планина“ во 1934 година, кој подоцна бил проширен во објект од 60 соби, бил урнат и од темел е изграден нов објект – хотел „ИНЕКС“.

 

1976-1999 „Југохром“

Најголемата инвестиција во Попова Шапка е направена во периодот кога со центарот управувал комбинатот „ Југохром“. Во 1976 година е изградена жичницата со две седишта до Церипашина , со капацитет до 1.000 скијачи на час. Биле купени и две возила за пресување на снег и две за чистење. Исто така, било инвестирано во поправка на ски-лифтовите, кои до тој период претрпеле различни оштетувања.

Со оглед на фактот дека во претходните осум години воопшто немало инвестиции, освен во хотелскиот објект, овие инвестиции на некој начин претставувале ренесанса на Попова Шапка.

Во 1998 година бил назначен првиот директор на зимскиот центар „Попова Шапка“ – Албанец, Менан Мемеди.

Една година подоцна, во 1999 година, поради долгови за електрична енергија што „Југохром“ ги имал кон „Електростопанство“ – Скопје, Попова Шапка ѝ е доделена на оваа компанија како компензација за долгот.

 

1999-2005 „Електростопанство“ – Скопје

Кога Попова Шапка преминала под управување на Електростопанство – Скопје, вработените биле прераспределени – некои преминале во комбинатот „Југохром“, а некои останале под „Попова Шапка“.

-Штом ја презедов функцијата директор на зимскиот центар „Попова Шапка“, веднаш се ангажирав да се реактивира ресторанот на Жичницата во Тетово, којшто беше запоставен веќе подолго време. Исто така, ги поправивме и машините за пресување и чистење на снегот. Се обидував, според условите што ги имав, да инвестирам во мали нешта за кои имавме можности – вели поранешниот директор на „Попова Шапка“, Менан Мемеди.

Тој почнува со средување на некои проблеми со скијачките патеки, но и со реновирање на хотелите „Инекс“ и „Славија“.

-Во тоа време проблем претставуваше еден поток што течеше по целата должина на жичницата и им пречеше на скијачите, и затоа од станицата со две седишта што оди до Церипашина, до станицата со две седишта од Долината што оди до Аеродром, се поставени цевки за собирање на атмосферските води и канализацијата, што и ден-денес се покажуваат како ефикасни.

Ги поправивме двата хотела, „Инекс“ и „Славија“, иако не беше којзнае колку голема инвестиција, само за основните проблеми, како што се замена на врати или прозорци, замена на теписони, столици и слично, варосување на хотелот. Патот од хотелите кон ски патеките беше многу тесен и предизвикаше проблеми како за туристите, така и за возилата, па затоа го проширивме. Исто така, го поместивме и столбот за електричните кабли што се наоѓаше во средина на патот.

Во соработка со експерти за ерозија се изврши порамнување на некои делови кои беа непроодни и недостапни, а беше отворен и еден пат од ски-лифтот со две седишта до главниот пат, со цел туристите да не бидат принудени да доаѓаат до хотелот, туку да се спуштат директно до патеките за скијање.

Купивме машина за пресување на снегот, како и минибус, што се користеше за одредени групи гости. Во тоа време, во Попова Шапка, се одржуваа разни семинари и активности, што се организираа од домашни и странски организации. Исто така, во 2000 година беше организиран „Бека Куп“.

На таблите на Попова Шапка почна да се пишува името и на албански јазик – Kodra e Diellit, бидејќи дотогаш се пишуваше само на македонски јазик  – Попова Шапка – вели Мемеди.

Проблеми и тогаш имало многу, главно со инфраструктурата, но се работело на поправки, а подоцна почнува негрижата, објаснува поранешниот директор на зимскиот центар.

-И тогаш имавме проблеми, истите што се актуелни и денес. Ски-лифтовите требаше да се поправаат, бидејќи уште тогаш беа стари 20 години, во нив не беше инвестирано, а до денес поминаа уште 17 години, а тие се во иста состојба. Жичницата, иако функционираше, не беше рентабилна, бидејќи не им одговараше ниту на патниците ниту на организацијата, затоа што трошеше многу електрична енергија и немаше голем капацитет. Во времето кога јас бев директор, повеќе се користеше за превоз на работниците – објаснува Менан Мемеди.

При конфликтот во 2001 година жичницата е оштетена и оттогаш не е поправена и не функционира.

-Тогаш имавме 55 работници во редовен работен однос, како и сезонски работници, и нивниот број достигнуваше до 120. Јас со 30 други работници, коишто успеавме да ги задржиме под договор дури и вон сезона, се обидувавме да ги вршиме потребните работи на терен – вели поранешниот директор на „Попова Шапка“.

Според него, причината поради која Попова Шапка денес не е на нивото на Банско и Боровец, е поради неинвестирање во инфраструктурата.

2005-2012 ЕЛЕМ

Компанијата „Електростопанство“ – Скопје во 2005 година беше поделена на три компании, а една од нив, ЕЛЕМ, го презеде управувањето со Попова Шапка. Сепак, амортизацијата на возилата, застарените ски-лифтови, нефункционалната жичница и многу други проблеми само ја најавуваа ситуацијата во која Попова Шапка и денес.

Во 2012 година, за да се подобри состојбата на Попова Шапка, беше основана фирмата ЕЛЕМ ТУРС, која требаше да управува со Попова Шапка. Според Менан Мемеди, уште од основањето на ЕЛЕМ ТУРС, на директорот му биле одземени надлежностите и можноста за донесување одлуки и со тоа уште повеќе се отежнало инвестирањето во Попова Шапка.
2012-до денес ЕЛЕМ ТУРС

Од 2012 до денес се повторуваат многу, главно истите проблеми со кои се соочува Попова Шапка, а досега не е преземено ништо.

Граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ оваа година одржа два протеста. Исто така, тие се состанаа со премиерот Заев и побараа компанијата ЕЛЕМ ТУРС да се повлече од управувањето со овој ски-центар.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.