Еден 20-годишен Палестинец е уапсен на железничка станица во централниот дел на Ерусалим. Како што јавуваат израелските медиуми, кај него била најдена торба со експлозив.
Полицијата соопшти дека Палестинецот бил испрашуван од чуварите кои рекле дека им предизвикал сомневања кога се обидел да влезе во возот. Додека го испрашувале, тој им признал дека носи експлозив.
Специјални единици на полицијата пристигнале на станицата и пронашле повеќе бомби во неговата торба. Поради инцидентот, запрен е железничкиот сообраќај на таа линија.
Во бранот насилство кој трае десет месеци, убиени се 34 Израелци и двајца американски туристи, поголемиот дел од нив во палестински напади со ножеви. Во тој период загинале повеќе од 200 Палестинци.