Справувањето со повратниците од странските боишта ќе се дефинира на балканска конференција


       
Крањ, 30 ноември, 2017 - 13:36 (META) 

Заканата од повратниците од странските боишта во земјите од Западен Балкан ќе биде една од темите на денешната Втора меѓународна конференција за борба против тероризмот и насилниот екстремизам во Југоисточна Европа, што се одржува во Брдо кај Крањ, Словенија.

Претставници на влади, како и на меѓународни и регионални организации што се занимаваат со оваа тема, ќе разговараат за зајакнување на соработката и на координацијата на програмите и на активностите во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам во Југоисточна Европа (ЈИЕ). Воедно, ќе се запознаат со студијата „Игра на трпение: проценка и одговор на заканата што ја носат странските борци повратници на Западен Балкан“, нарачана од Регионалниот совет за соработка (РСС).

Конференцијата ја организира РСС заедно со Министерството за внатрешни работи на Словенија, како и со Иницијативата на Западен Балкан за борба против тероризмот и Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа. Учествува и Република Македонија.