!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Специјалното обвинителство обвини десетина институции за опструкции и за несоработка


       
Скопје, 2 март, 2016 - 10:13 (META) 

Специјалното јавно обвинителство побара одложување на главната расправа за предметот „Пуч“ поради тоа што судот, и покрај тоа што му било побарано, не доставил копија од сите докази, стои во соопштението од СЈО.

„Појаснуваме дека првото наше барање кон Судот за достава на копии од списи и на електронски докази е упатено на ден 21 декември 2015 година и истото е прецизирано со барање од 9 февруари 2016 година.  Барањето е поднесено во смисла на членот 81 од ЗКП, кој ја уредува меѓуинституционалната соработка. Судот и по две наши ургенции со кои е укажано на неопходноста од доставување копии, дури на ден 29 февруари 2016 година донел решение со кое го одбива нашето барање за доставување копии на списи и на електронски докази. Ве известуваме дека ваквото решение е обжалено, од причина што сметаме дека наводите на Судот врз основа на кои е одбиено нашето барање во целост се неосновани. Појаснуваме на јавноста дека за да можеме да се впуштиме во главната расправа, нужно е да поседуваме докази врз основа на кои ќе дадеме воведни говори и кои ќе можеме да ги предочиме на обвинетите лица. Начелата на акузаторност и на легалитет на постапката налагаат јавниот обвинител да ги поседува доказите на кои се заснова обвинението. Поради тоа се добива впечаток дека Судот врши опструкција на работата на ова Јавно обвинителство, одолговлекувајќи ја кривичната постапка и оневозможувајќи на ова Јавно обвинителство да се впушти во главната расправа“, стои во соопштението.

Од СЈО велат дека освен со „Пуч“, Основниот суд Скопје 1  ја отежнува работата на ова јавно обвинителство и во сите други предмети во кои било побарано да им бидат доставени материјали на увид.

„На ваквата состојба и недостиг од соработка, укажавме и на прес-конференцијата, кога појаснивме дека соработката со институциите оди навистина тешко. Имено, за соработка со ова Јавно обвинителство од страна на бројни институции се наметнуваат нови правила, се одбива да се постапи во роковите определени од јавниот обвинител и се изигурваат законските одредби кои пропишуваат обврска за соработка со јавното обвинителство при разоткривање на криминалот. Воедно, определени јавни службеници и државни функционери, наместо да соработуваат со ова Јавно обвинителство и да ја почитуваат обврската за пријавување на кривични дела, се ставаат во функција да ја отежнат работата на ова Јавно обвинителство и да го прикријат криминалот“, стои во соопштението.

Оттаму известуваат дека институциите кои одбиваат соработка со ова јавно обвинителство се Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за безбедност и контраразузнавање, односно Одделот за оперативно техничка поддршка (познат како Петта управа), Единицата за заштита на сведоци при МВР, Општина Битола, одредени Министерства, а на оваа листа се надоврзуваат и Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

„Што се однесува до Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, укажуваме дека и овие две обвинителства одбиваат да постапат по наши барања. Имено, на наши упатени барања за доставување предмети на увид, Основното јавно обвинителство Скопје нè известува дека увидот може да се изврши во нивните простории и без законска основа одбива да ни ги достави предметите на увид. Иако членот 11, став 2 од Законот за јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е јасен, сепак овие две обвинителства не ни ги доставија предметите. Во оваа насока, законот е јасен и сите институции се должни да ги почитуваат обврските што произлегуваат од законските одредби. Со оглед на наведеното, ќе бидат поднесени претставки за работата на овие две обвинителства до Советот на јавни обвинители“, стои во соопштението.

Имајќи ги предвид ваквите состојби и континуираните опструкции на работењето на ова Јавно обвинителство, се вели во реакцијата, СЈО предлага измени на Кривичниот законик и воведување на ново кривично дело – попречување на правдата, кое ќе биде во главата на кривични дела против правосудството.

„Би сакале да ѝ појасниме на јавноста дека во согласност со членот 9, став 9 од Законот за јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, сите тела за спроведување закони се обврзани да обезбедат помош по барање на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во согласност со Законот за кривична постапка. Со оглед на фактот што ваквата законска обврска воопшто не се почитува, иако на истата постојано укажуваме во нашите барања, и со таквото постапување се попречуваат правдата и спроведувањето на истрагите, сметавме дека е неопходен посериозен механизам за санкционирање, поради што и се предлага измената на Кривичниот законик“, се вели во соопштението.

Од СЈО реагираат и на трендот на интерпретирање на работата на ова јавно обвинителство во насока на реализација на дневно-политички цели.

„Ве известуваме дека во рамки на ова Јавно обвинителство почнати се нови 15 предистражни постапки, кои се однесуваат на проверки во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејства и злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, злоупотреби на постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.“, пишува во соопштението.