Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, тврди дека со МВР раководи тој и дека во министерството нема двовластие, туку само фракции, кои постоеле отсекогаш.

Спасовски, во интервју во емисијата „10 Минути“ на „ТВ21“, вели дека во моментов во МВР се работело попрофесионално и постабилно од времето кога со министерството раководеле министри од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ниту во моментов, ниту во кое било време не може да постои двовластие. Со МВР раководи министерот за внатрешни работи и никој друг. Фракции постоеле отсекогаш, имате фракции кои се блиски до министерот, до некој од директорите и кога раководи една политичка партија. Меѓутоа, најважно од сè е што во иднина ова министерството мораме да го професионализираме, да го ослободиме од партиските притисоци, ако сакаме да ги остварува интересите на граѓаните. Така што, верувајте, во овој момент далеку е постабилно и попрофесионално министерството отколку во периодот кога самите го нарекуваа место МВР, МВРО“, вели Спасовски.

Според министерот за внатрешни работи, фракциите во МВР, кои не му се блиски нему, не ја опструирале во голема мера истрагата на Специјалното јавно обвинителство, а специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим во ниту еден момент не биле оневозможени да си ја вршат својата работа.

„Овие денови немаше рефлексија на ниту една фракција. СЈО имаше две наредби, влегоа во УБК, врз основа на наредбите се постапуваше до ниво до кое можеше да биде постапувано, веднаш по пристигнувањето на експертот ќе се заврши целата наредба. Можеби некој од партиски причини, некакви насоки што ги добил, пред сè мислам на директорите на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање, го одолжуваат процесот, зборувам за час-два, меѓутоа во ниту еден момент СЈО не е оневозможено туку, напротив, две третини од работата е завршена и мора да се заврши и делот од наредбата што преостанува“, тврди Спасовски.

Специјалната јавна обвинителка и неколку обвинители и истражители во средата минатата недела влегоа во УБК да одземат документи и електорнски податоци од системот за следење на комуникации. По неколку часа, Јанева излезе од УБК и изјави дека соработката со раководството на УБК оди многу тешко и дека има обиди за опструкции врз истрагата. Ситуацијата кулминираше во петокот кога од УБК беше избркан истражител на СЈО, кој бил оставен да дежура додека да пристигне надворешниот експерт на шведската компанија „Ериксон“, кој треба да помогне во извлекувањето на другите податоци што ги бара СЈО.