!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Спасовски: Нема најави за експанзија на мигрантската криза


       
Солун, 5 октомври, 2017 - 18:21 (META) 

Нема никакви најави дека ќе се зголеми бројот на мигранти или дека ќе проработи западнобалканската рута, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по завршувањето на втората министерска средба, на која учествуваа министрите за внатрешни работи и шефовите на дипломатиите на Македонија, Грција, Албанија и на Бугарија, што се одржа денеска во Солун, Грција.

– Во делот на мигрантската криза, заеднички констатиравме дека има услови да опстои договорот меѓу Европската Унија и Турција. Засега немаме никакви најави дека мигрантската криза може да доживее експанзија или да проработи западнобалканската рута. Меѓутоа, остануваме посветени на заемната соработка во овој дел, доколку се случи нешто, успешно да се справуваме со таа криза – рече Спасовски.

Тој истакна дека на средбата било дискутирано за глобалните предизвици кои се однесуваат на безбедноста на четирите држави и на регионот.

– Од исклучителна важност за нас е да имаме размена на информации, да имаме соработка и на полето на борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, бидејќи тоа е глобален предизвик кој бара решенија кои се однесуваат и на делот на превенцијата, но и на делот на репресијата – рече Спасовски.

На средбата било договорено да има шестмесечни средби на кои ќе се дискутира за овие теми и ќе се воспостави контакт на ниво на директори на полиции и на пониските структури во полициите.

Спасовски за понеделник најави средба на директорите на македонската и на грчката полиција, на која ќе биде разговарано за продолжување на соработката.

– Договоривме и да ја зголемиме соработката во делот на цивилната заштита. Целиот регион годинава беше зафатен со пожари и секогаш се потребни повеќе капацитети за да се справиме со овие состојби – изјави Спасовски.