fbpx

Спасовски: Да им се помогне на семејствата на загинатите бранители

-

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје го прогласи за отворен меморијалниот турнир во мал фудбал „Македонски херои“, што се одржува во чест на загинатите бранители од 2001 и од 2015 година, а е под покровителство на Министерството за внатрешни работи.

Спасовски рече дека преку овој меморијален турнир во мал фудбал уште еднаш им се оддава почит на нашите херои, кои во моментите кога беше најтешко застанаа на браникот на татковината и го дадоа животот за својата држава.

– Ве уверувам дека Министерството за внатрешни работи и јас како министер секогаш ќе бидеме тука за да им помогнеме на семејствата на овие големи луѓе. Особено затоа што сме свесни за фактот дека овие семејства се соочуваат со сериозни животни проблеми, какви што се невработеноста и беспарицата и покрај фактот што сите ние сме практично нивни должници. Институциите мора да ја прекинат практиката на декларативно и на пропагандистичко злоупотребување на нивните судбини и суштински да им помогнат на овие семејства – рече министерот Спасовски.

Тој потсети на фактот дека некои од овие семејства сè уште водат судски спорови со државата, што е несфатливо и недозволиво.

– Неверојатен е фактот дека наместо помош, семејствата на овие херои сè уште се малтретираат по судови. 14 семејства на загинати бранители сè уште немаат добиено обештетување од државата. Ваквата политика на неодговорните политичари мора да заврши. Наместо судските покани, да им ја дадеме нашата почит и благодарност. Ние сме должни да се грижиме за овие семејства! Должни сме пред нашите херои и тоа мора да го направиме и ќе го направиме – рече Спасовски.
На отварањето на меморијалниот турнир во мал фудбал „Македонски херои“ присуствуваше и дополнителниот заменик-министер Оливер Андонов, кој рече дека оваа спортска манифестација, што се одржува под покровителство на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за одбрана, претставува длабок поклон кон херојското дело и саможртвата на припадниците на македонските безбедносни сили.

– Крајно време е да го отфрлиме духот на поделбите, нетрпеливоста и омразата кон политичкиот противник и конечно да се помириме и да се сплотиме околу државниот интерес. Оттука, жртвата на припадниците на безбедносните сили во чија чест е денешниот турнир нека биде влог кон иднината и помирувањето на Македонија – рече Андонов.

На турнирот учествуваат 12 екипи, кои своето учество го обезбедија преку локалните турнири низ општините во Република Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...