!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Советот за етика во медиумите утврди дека МТВ2 „позајмила“ текст од „Порталб“


       
Скопје, 30 ноември, 2017 - 16:26 (META) 

Извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) оцени дека вториот канал на „Македонска телевизија“ ги повредил авторските права на порталот „Порталб“, преземајќи негов текст без притоа да го посочи изворот.

Одлуката е објавена денеска на веб-страницата на СЕММ.

Пред еден месец, жалба до СЕММ поднел новинарот Суад Бајрами, наведувајќи дека телевизискиот прилог со наслов „ИЈЗ за водата во Тетово: Не се препорачува за пиење, ги чекаме анализите“ (Uji në Tetovë, IShP: Nuk e rekomandojmë për pije, i presim analizat), емитуван во програмата на албански јазик на вториот канал на МТВ, ги повредува авторските права, односно претставува преземање на текстот на „Порталб“ „ИЈЗ – Тетово: Водата за пиење не е забранета, но не ја препорачуваме“ (Tetovë, ISHP: Nuk është i ndaluar përdorimi i ujit të pijshëm, por nuk ua rekomandojmë), без да се наведе изворот на информацијата.

Како што информираше извршната канцеларија на СЕММ, по примањето на жалбата се обратиле до уредничкиот колегиум на вториот канал на „Македонска телевизија“ и побарале изјаснување. Одговорот што го добиле бил дека од интервјуто со вработен во институцијата што го направил Суад Бајрами се цитира само еден мал дел во веста од 40 секунди, како одговор од институцијата, која е отворена за сите новинари.

„Затоа нема нарушување на никакво авторско право, бидејќи разликата меѓу интервју и вест е огромна“, се вели во одговорот од вториот канал на јавниот радиодифузен сервис.

Сепак, Комисијата за жалби при СЕММ ја оценува жалбата на Бајрами како основана. Во образложението на ваквата одлука се вели дека во оспорениот текст има елементи на плагијаторство, бидејќи членовите на комисијата за жалби утврдиле дека два пасуса од текстот на „Порталб“ се целосно преземени во прилогот на вториот канал на МТВ и со тоа е прекршен членот 12 од Кодексот на новинарите на Македонија, во кој се вели дека плагијаторството е неприфатливо и дека цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот.