Советот за безбедност на ОН ја осуди Северна Кореја за ракетните проби


       
Њујорк, 27 август, 2016 - 12:47 (META) 

Советот за безбедност на Обединетите нации ја осуди Северна Кореја поради лансирањето на балистички ракети и соопшти дека ќе преземе „значајни мерки“ како одговор на последните проби.

Тоа Пјонгјанг го оцени како провокација.

Текстот на резолуцијата за осуда на балистичкото тестирање беше едногласно усвоен вчера и за него гласаа сите 15 членки на Советот за безбедност, меѓу кои и Кина, главниот сојузник на Северна Кореја.

Во резолуцијата се наведува дека Советот „ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата и да презема значајни додатни мерки“, но не се прецизира за какви мерки станува збор.

Претставник на министерството за надворешни работи на Северна Кореја, Џон Мин Док, остро реагираше на осудата на Советот за безбедност, наведувајќи дека дискусијата која под водство на САД се водела во Советот е „провокација“ и дека неговата земја развива нуклеарна ракетна програма како одговор на „нуклеарното застрашување што го спроведува Вашингтон“.

Северна Кореја на 24 август лансираше ракета тип КН-11 од подморничка база во близина на градот Синпо, а сателитските снимки покажуваат дека по поминати 500 километри таа паднала во идентификациона зона на портивоздушната одбрана на Јапонија.