fbpx

Совет на Европа: Со прислушувањето новинари се кршат човековите права

-

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс, во ексклузивна изјава за новинската агенција „Мета“ ја изрази својата „сериозна загриженост“ за последните случувања во Македонија и особено за прислушувањето новинари, објавено вчера на прес-конференција на опозицискиот СДСМ.

– Многу сум загрижен за наводите за масовно и недозволено прислушување новинари и граѓани во поранешната југословенска република Македонија. Ова се сериозни наводи, кои заслужуваат ефективна и независна истрага. Овде во прашање се доведуваат повеќе човекови права, а медиумската слобода и заштитата на новинарските извори не се најмалите – посочи Мужниекс.

Македонските власти мораат бргу да ги расветлат случувањата и ако наводите бидат потврдени, одговорните мораат да сносат одговорност, а употребата на таа практика да се прекине, посочи Мужниекс за „Мета“ денеска по неговиот состанок во Брисел со Европската федерација на новинари (ЕФН), која, исто така, издаде соопштение за последните сознанија за прислушувани новинари.

Претседателот на ЕФН, Могенс Бјерегард, изјави дека ова нарушување директно ја засегнува медиумската слобода во Македонија, со тоа што потхранува клима на страв и на самоцензура.

– Ако наводите се потврдат, тогаш македонските власти јасно го нарушиле правото на новинарите да си ги заштитат изворите  – вели Бјерегард.

Мужниекс и ЕФН утрово имаа средба на која се расправало за лошата состојба со слобода на медиумите во Македонија, Белорусија, Азербејџан, Русија, Турција и во Украина.

Комесарот им ветил на европските новинари дека ќе интервенира насекаде каде ќе има нарушување на слободата на медиумите, сè додека трае неговиот мандат.

Советот на Европа е 47-члена организација со седиште во Стразбур, чија главна област на дејствување се човековите права и демократските стандарди.

Советот на Европа и Европската Унија се две различни организации.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...