fbpx

Сопки на патот кон слободниот пристап до информации

-

Новинарите, организациите и граѓаните кои поднесуваат барања за слободен пристап до информации се соочуваат со бројни сопки на патот кон добивање на информацијата од јавен карактер. Владата најави менување на Законот за слободен пристап до информации со што граѓаните очекуваат олеснување на пристапот до информациите од институциите.

Пишува: Кристина Озимец – ПИНА

Бројот на вработени во Одделот за односи со јавност во Министерството за внатрешни работи е класифицирана информација и тоа под степен „Строго доверливо“. Вака барем тврдат од МВР откако за потребите на една тема преку барање за слободен пристап до информации ја побаравме бројката на вработени во Одделот за односи со јавност во МВР во 2016 и 2017 година.

Во однос на бројот на вработени во Одделот за односи со јавност и стратешки прашања, Ве известуваме дека не сме во можност да одговориме на Вашето прашање бидејќи одговорот претставува дел од Актот за систематизација на работни места во Министерството, кој акт со закон претставува класифицирана информација со степен на класификација „Строго доверливо, се вели во одговорот на оваа институција.

Ваквиот одговор неизбежно покренува прашања како е можно податокот колку луѓе работат односи со јавност во едно од министерствата да претставува некако класифицирана или доверлива информација. Ова е еден од примерите со кој се остава впечаток дека институциите понекогаш бараат дупки во Законот за слободен пристап до информации, со кој ќе го отежнат патот до информацијата за барателот, наместо да му обезбедат целосни одговори на поднесеното барање. Иако голем број од институциите навремено и целосно одговараат на поднесените барања, новинарите, организациите и граѓаните кои поднесуваат Барања за слободен пристап до информации секојдневно се соочуваат со бројни сопки на патот кон добивање на информацијата од јавен карактер. Доцнење со одговори, целосно игнорирање на поднесените барања или пак необезбедување на одговорите се дел од проблемите кои ги имаат барателите на информации.

Центарот за граѓански комуникации е организација која годишно поднесува најголем број барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, за да ги обезбеди потребните информации и податоци за нивните истражувања.

Во 2017 година тие имаат поднесено речиси 1.000 барања, а процентот на добиени одговори се движи околу 70%.

Оние институции коишто не одговараат, не нѐ одбиваат туку едноставно молчат по нашите барања. Значајно е да се има предвид дека ако оставиме само на институциите, односно на она што ќе го примиме од нив како одговор, без да ги контактираме и потсетуваме – овој процент ќе биде значително помал. Кога ќе испратиме барање, на истекот на рокот се јавуваме и ги прашуваме институциите до каде е одговорот. Исто така ако добиеме нецелосен одговор, повторно се јавуваме и се обидуваме `спогодбено` да ги добиеме информациите што недостасуваат. Дури ако не успеат овие начини на директна комуникација, и откако ќе најавиме дека ќе се жалиме, доставуваме жалба до Комисијата за заштита на ова право на слободен пристап до информациите од јавен карактер, која натаму ги задолжува институциите да ни ги достават бараните информации. Одреден мал процент од имателите, сепак, не постапуваат ниту по решението на комисијата и тука завршува целата постапка. Ако се направи споредба, сигурно дека може да се рече дека институциите на локално ниво, пред сѐ општините, стојат подобро не само од аспект на одговарање, туку и на рокот во којшто одговараат. За разлика од нив, дел од министерствата постојано смислуваат начини за да не одговорат целосно или на време на нашите барања“, вели Герман Филков од оваа организација. Тие најчесто бараат информации поврзани со трошењето на јавните пари, па велат дека некои институции прават обиди да не одговорат на нивните барања измислувајќи разни причини зошто сметаат дека тие информации не се од јавен карактер. Други ги упатуваат на Електронскиот систем за јавни набавки или на други места каде што тие информации, всушност, не се содржат. Трети одговараат делумно, за она за што тие мислат дека треба да одговорат, по нивни сопствен избор, вели Филков.

– Интересно е што кога некоја институција се обидува на ваков или на онаков начин да избегне да ни ја даде бараната информација, речиси секогаш зад тоа стои нешто што сака да го сокрие. Кога, на крајот, ги добиваме тие информации, сфаќаме веднаш зошто не сакале да ни ја дадат бараната информација. Помал број институции, од друга страна, некогаш ни доставуваат и многу повеќе информации од оние што ги бараме – додава тој.

Истражувачката новинарка на БИРН Македонија, Мери Јордановска, вели дека најголемиот проблем во користењето на Законот се роковите.

Додека да добиеме одговор од институциите, веќе сме заборавиле што сме прашале. Рокот од 30 дена истекува, па додека да поднесеме жалба, па додека комисијата се изјасни, понекогаш поминуваат месеци. Освен тоа, на комисијата и се врзани рацете ако одредена институција не одговори на барањето. Може да ги задолжи да одговорат, но доколку не одговорат, тие можат само да притискаат, па оставени сме на милост и немилост на тоа дали комисијата ќе успее да ни обезбеди одговоп, вели Јордановска.

Наместо кај новинарите што пратиле барање, информацијата отишла кај други новинари

Од Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија за ПИНА велат дека новата влада во овој период постапува, генерално, навреме во однос на нивните прашања.

Претежно се работи за прашања поврзани со минатата власт. Појасна слика ќе имаме во наредниот период, кога ќе бараме отчет за работата на оваа Влада. Инаку, во неколку случаи досега ни се случило нашите одговори да бидат предмет на прес-конференции, посебно на теми поврзани со репрезентација во министерствата. Или пак, нашите одговори да завршат во рацете на други новинари, а нас да ни се одговори дека министерството не располага со таква информација. Исто така, нè зачуди и потегот на едно министерство, кое јавно го објави одговорот на нашето барање, со името и презимето на барателот на информацијата, што не беше вообичаена пракса на минатата власт. Сакаме да потенцираме дека со ваквата пракса се демотивираат истражувачките новинари, чиј фокус е да истражуваат, да собираат документи и податоци и да ги дадат на увид на јавноста со цел да се разоткрие коруптивно однесување во институциите, а за сметка на тоа да се подобри животот на граѓаните, велат од СКУП.

И новинарката Јордановска имала слично искуство додека ги работеле сториите за тоа колку пари потрошиле поранешните министри за ресторански и угостителски услуги во текот на 2016 година.

Во мај минатата година испративме барања до секое министерство, уште додека беа на власт министрите од ВМРО-ДПМНЕ, а непосредно пред да си заминат од функциите. Очекувано, навремен одговор не добивме од никој, освен од Министерството за информатичко општество и администрација, односно од тогашната министерка Марта Томовска, со прецизни одговори за тоа каде и како се трошеле парите за репрезентација. Долготраен беше процесот да добиеме одговори од другите министерства – поднесувавме жалба, по жалба, по жалба. Кога новите министри стапија на функциите, одговорите почнаа да пристигнуваат, но дел од нив никогаш не ги објавивме, бидејќи некои министерства прво фотокопиите за репрезентативни трошоци ги доставуваа до свои „блиски“ медиуми, а дури утредента нам. И сега замислете какво е чувството, нешто што како новинар го барате со месеци, според сите законски процедури, прво да биде доставен до медиум близок до новата власт, а подоцна до БИРН, иако тие медиуми воопшто немале поднесено ниту барање за пристап до информации од јавен карактер. Колку за пример, за едно од барањата ни беа доставени стотици страници од документи, а еден ден претходно, главната информација од тие документи, беше објавена на еден веб-портал, па оттаму беше комплетно безначајно ние потоа да ја објавуваме комплетната анализа, кога клучната информација веќе беше објавена. Конкуренцијата е квалитетна и пожелна, но нелојалната конкуренција и начинот на кој постапуваа дел министерства беа разочарувачки во овој случај, кој докажа дека се уште опстојува синдромот на „наши“ и „ваши“ медиуми, вели Јордановска.

Законот не е генерално лош, но се бараат начини да се изигра

Според Филков, законот којшто е на сила повеќе од една деценија, генерално, не е лош закон, но се чини дека одделни иматели на информации од јавен карактер се обидуваат и им успева и него да го изиграат, а притоа да не сносат никаква последица.

Главните измени коишто треба да се направат во насoка на поцелосно остварување и унапредување на примената на правото на пристап до јавни информации се скратување на рокот, проширување на списокот со опис на информациите од јавен карактер и проширување на надлежностите и зајакнување на комисијата за заштита на ова право. Потребна е промена на членот 21 став 1 од Законот, односно скратување на рокот за одговор на барањата за пристап од сегашните 30 календарски денови на 15 работни денови. Во моментов, нашиот Закон предвидува еден од најдолгите рокови за доставување на побараните информации а со намалувањето на рокот законот би се усогласил со дел од европските држави (Хрватска, Чешка, Унгарија, Србија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Латвија, Косово итн.), како и со институциите на Европска Унија, вели Филков и додава дека земји како Португалија и Романија имаат рок од 10 работни денови за одговор на барањата.

Владата во следниот период најави менување на Законот за слободен пристап до информации со што граѓаните, а особено новинарската заедница очекуваат олеснување на пристапот до информациите од институциите.

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ, врз основа на анализата и искуството на своите членови доставиле предлози за измена на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Тие предлагаат зголемување на обемот на иматели на информации од јавен карактер со политичките партии и верските организации и намалување на рестриктивноста на Законот и воведување на потврда за спроведен обврзен тест за штетност како задолжителна постапка пред да се одбие барањето.

Ова подразбира измени во член 3 и 6 каде обврзноста е наложена, но тој што одлучува има дискреционо право да решава кој интерес е поважен. Потребно е засилување на барањето за обврзна транспаретност на институциите преку нивните веб страници со објавување на: сите законски и подзаконски акти релевантни за институцијата, статистички податоци за својата работа, извештаите за работата кои ги поднесуваат до органите надлежни за нивна контрола и надзор како и сите информации од јавен карактер, потоа намалување на рокот од 30 на 15 календарски дена за доставување на бараната информација и зголемување на ингеренциите на Комисијата со одредба дека таа води прекршочна постапка и спроведува прекршочни санкции во согласност со овој закон и закон за прекршочна постапка, се вели во барањата на новинарскиот синдикат.

Бесим Шаќири од Министерството за правда не одговори на нашите прашања за измените на Законот за слободен пристап до информации и започнувањето на процесот на менување на законот, иако неколку пати вети дека наскоро ќе ни ги достави одговорите.

Од Центарот за граѓански комуникации потсетуваат дека институциите треба да ја применуваат „активната транспарентност“, која подразбира објавување (без да им бидат побарани) на сите информации кои произлегуваат од надлежноста и работата на имателот на информациите.

Потребно е проширување на надлежностите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочни санкции во случаите кога пристапот до информациите е ограничен. Овие измени и дополнувања од Законот се наметнуваат како неопходни имајќи го предвид односот на имателите на информациите, кои во значаен дел од случаите го ограничуваат пристапот до информациите преку премолчено одбивање, писмено одбивање или со доставување несоодветен одговор, со што не ја исполнуваат законската обврска да овозможат пристап до јавните информации. Во досегашната примена на Законот, Комисијата ги толерира имателите кои не ги исполнуваат законските обврски и не поведува прекршочни постапки против нив пред надлежниот суд. Затоа, со цел да се овозможи доследно почитување на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер од страна на имателите и во функција на поголема транспарентност и отчетност, се предлага измена и дополнување на членовите 32 и 45-б од Законот. Со предложената измена и дополнување на Законот и со неговото усогласување со Законот за прекршоците, на Комисијата ќе ѝ се овозможи да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочни санкции во случаите кога пристапот до информациите е ограничен, вели Филков и додава дека е потребна и се поголема практична примена на законското право на усно барање информации во рок од 5 дена.

Во Централен бесплатно, но многу споро

Владата неодамна најави дека во насока на олеснување на новинарската работа и зголемување на транспарентноста, за новинарите ќе бидат бесплатни услугите во Централниот регистар и Катастарот. Но, како функционира доаѓањето до информација во практика? Според новинарските искуства ваквиот потег е добар, но сепак процедурата е спора. Исто така, новинарите се жалат што не можат електронски да добијат бесплатна информација за тековна состојба на одредена компанија, туку мораат лично да одат и поднесат барања во институциите, иако истата опција постои во електронска верзија, ако сакаат да платат. Велат дека треба да се размисли во веќе постоечкиот електронски систем на Ценатралниот регистар на пример, да се додаде бесплата опција со идентификација за новинари.

Во практика функционираат, само ако имате време да почекате извесно време за да добиете тековна состојба или историјат за одредена компанија. Но, доколку ви треба веднаш, како што впрочем и најчесто им треба на новинарите, тогаш повторно доаѓаме во ситуација да треба да платиме за да ја добиеме информацијата. Засега, како поволна можност се покажа само увидот во регистерската влошка во Централниот регистар, каде што на лице место можат да се проверат сите податоци за одредена фирма, од нејзиното основање па се до денот на вршење на увидот, вели Јордановска.

Од СКУП исто таа го поздравуваат овој потег, но во исто време, сметаат дека бесплатните услуги на ЦРМ ќе бидат од корист на новинарите во моментот кога нема да треба да се каже за која тема или за што им треба бараниот документ како што е праксата сега.

– Вака, Централниот регистар ќе има увид во се што се истражува од страна на новинарите, при што носители на власта можат да ја отежнат работата или пак да ги изолираат новинарите во нивната работа, додаваат оттаму.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...