fbpx

Собранието со благ пад во отвореноста и отчетноста во однос на минатата година

-

Во поглед на нивото на транспарентност, односно отвореност кон јавноста, како и на отчетност, Собранието на Република Македонија според новата проценка во рамки на студијата на регионалната мрежа на граѓански организации „ACTION SEE“ годинава стои полошо отколку при претходното мерење.

Отвореноста на Собранието е проценета на 58 отсто од индикаторите за отвореност, што е за еден отсто помалку отколку во 2017 година, се вели во анализата на „ACTION SEE“, чија членка е и Фондацијата „Метаморфозис“.

Со тоа, резултатите му се исти како и со другите парламенти од земјите на Западен Балкан, односно сите забележале пад на отвореноста и отчетноста, со исклучок на Албанија. Секаде индексот е помал отколку при анализите за 2017 година, а заедничкиот индекс на сите е 61 отсто, со што македонскиот парламент котира полошо и од општиот просек. Албанскиот парламент пак е на 75 отсто исполнетост на индикаторите за отвореност и отчетност.

Како што напоменуваат авторите на студијата, и покрај целосна промена на односот на силите во македонскиот законодавен дом, нема помрднување напред во поглед на активната отвореност.

„Резултатите за 2018 покажуваат дека променетиот собраниски состав на македонското Собрание и новото владејачко мнозинство сè уште не покажува видливи резултати во поглед на активната транспарентност на оваа институција. И покрај демонстрираниот интерес да се работи на поголема отвореност, блокирањето на Собранието од страна на опозицијата има влијание врз ваквите намери. Сепак, непостоење на консензус за најголем дел од прашањата доведе до само делумен успех на процесот“, се вели во анализата.

Иако се одбележуваат добрите практики на отвореност преку редовно објавување на дневните редови за пленарните седници и за комисиските седници, како и видео и стенограмските записи од пленарните седници и резултатите од гласањата на нив, како и фактот дека се објавени контакт податоци за пратениците, во студијата се посочува како негативност тоа што не се објавуваат платите на пратениците и парите што ги добиваат за патните трошоци.

Главната забелешка за македонското Собрание е што не се објавува кој учествувал на комисиските седници, нема стенограмски и видеозаписи од овие седници, ниту резултати од гласањата на нив. Кога има видеозаписи, тие се емитуваат со задоцнување од неколку дена на Собранискиот канал, но ги нема на веб-сајтот на Собранието.

Сепак, не е се така црно, велат од  „ACTION SEE“. Односно, иако нема обврска за тоа, експерти и претставници на граѓанските организации може да учествуваат во седниците на комисиите. Но поинаку е при носењето на законите – само за 50 отсто од законите и другите акти комисиите побарале мислење од јавноста.

Во анализата се посочува дека и за разлика од 2016 година, кога од 366 донесени закони, дури 238 биле во скратена постапка, во 2017 година од 42 донесени закони, 24 биле во скратена постапка.

Собранието добро котира во поглед на неговиот надзор врз извршната власт, односно ги исполнува 83% од критериумите, што е полошо само од Црна Гора (93%) и Албанија (88%). Собраниската контрола е преку пратеничките прашања, интерпелацијата, надозорните расправи и други.

Анализите се спроведени од декември 2017 до март 2018 година, и поради тоа не е земено предвид усвојувањето на Етичкиот кодекс на пратениците, кое се случи на 11 јуни годинава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЕУ воведе санкции кон Русија поради смртта на Навални

Вчера Европската Унија одговори на смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални со нови санкции, јавува ДПА повикувајќи се на дипломатски извори. Санкциите претходно ги најави шефицата на германската дипломатија Аналена...