fbpx

Собранието со 80 гласа „за“ ја донесе одлуката за потреба од уставни измени

-

По цел ден чекање на почетокот на собраниската седница за уставни измени, вечерва владејачкото мнозинство успеа да обезбеди двотретинско мнозинство за предлогот на Владата за потребата од уставни измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција. Пратениците гласаа со 80 гласа „за“, без гласови „против“ и „воздржани“ од присутни 117 пратеници.

Од опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ „за“ гласаа Владанка Авировиќ, Емилија Александрова, Сашо Василевски, Нора Исмаиловска Старова, Елизабета Канческа Милевска, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Зекир Ранчиловиќ.

Пратениците од останатиот дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за време на гласањето станаа од своите седишта и стоеја на страна за да се види кој гласал „за“. Координаторот Драган Данев побара и поединечно изјаснување на пратениците по што секретарот на Собранието, Цветанка Иванова ги читаше сите пратеници посебно а тие кажуваа дали се „за“ или против.

Владејачкото мнозинство неколку дена се обидуваше да постигне двотретинско мнозинство кое беше неопходно за да се пристапи кон измени на Уставот преку амандмани.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ до вчера беа категорично против предлогот за уставни измени. Пратеничката група во средата испрати писмо во кое се велеше дека се откажуваат од дебатата во Собранието, која ја нарекоа јалова, и потенцираа дека нема да гласаат за уставни измени.

Апели за двотретинско мнозинство пристигнаа и од ЕУ и САД.

Еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, утринава изрази увереност дека пратениците од сите политички парии во македонското Собрание ќе ги тргнат настрана партиските интереси и ќе донесат одлука во интерес на земјата и граѓаните.

Заменикот помошник државен секретар на САД, Метју Палмер, кој треба да пристигне во понеделник, апелираше до ВМРО-ДПМНЕ да ги ослободи пратениците да гласаат по нивно уверување без страв од закани и одмазда.

Според Деловникот, следно е Владата во рок од 15 дена да ги подготви уставните амандмани, кои треба да се гласаат во Комисијата за уставни прашања и Законодавно правната комисија. Потоа Собранието треба да отвори јавна дискусија, по што ќе се поднесуваат амандмани на уставните амандмани. По расправата и изјаснувањето за поднесените амандмани, Собранието треба уставните амандмани да ги изгласа со двотретинско мнозинство со што Уставот ќе биде конечно променет.

Оваа процедура се очекува да трае околу три месеци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...