!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Собранието ја укина радиодифузната такса


       
Скопје, 19 септември, 2017 - 13:42 (META) 

Собранието денеска го донесе законот за укинување на радиодифузната такса, кој беше предложен во скратена постапка. За измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги „за“ гласаа 70 пратеници, а „против“ и „воздражани“ немаше.

Бидејќи овој закон се носи и со Бадентерово мнозинство, укинувањето на радиодифузната такса го поддржаа 20 пратеници од немнозинските заедници.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, рече дека со ваквото решение граѓаните ќе се ослободат од една непотребна давачка, а од друга страна ќе се зголеми ефикасноста на работата на „Македонската радио-телевизија“.

Со законот се предвидува приходот што досега го добиваше МРТВ преку собирање на оваа давачка, да се финансира од државниот буџет и тоа во износ од 0,5 отсто од вредноста на буџетот на годишно ниво. За таа цел потребно е да се одвојат 885 милиони денари на годишно ниво од државниот буџет за 2018 година. Покрај од буџетот, МРТВ ќе се финансира и од други средства, односно од приходи на кабелските оператори и од приходи остварени со продажбата на програма произведена во МРТ.

Претходно денеска пратениците во Собранието го донесоа законот за стечајни работници, со кој на околу 3.000 лица им се овозможува да добиваат месечен надомест од 8.356 денари. Вчера беше изгласан и законот за минимална плата од 12.000 денари.