!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Собранието го усвои извештајот за МРТ, промените таму треба да дојдат од браншата


       
Скопје, 6 ноември, 2017 - 17:15 (META) 

И по долгата пауза што претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја даде поради премалиот број присутни пратеници, Собранието продолжи во истиот дух како и претходно – без ниту еден пријавен за збор или само по двајца пријавени, па или експресно се вршеше гласање или поради недоволен број пратеници во салата, гласањето за точките беше преместувано за утре. Кога се гласаше, тоа беше едногласно „за“, без против или воздржани.

Пратениците се раздвижија кога на ред дојде годишниот извештај на МРТ за 2016 година. По излагањето на Снежана Клинчарова за извештајот, за збор се јави Томислав Тунтев, координаторот на пратеничката група на СДСМ, кој рече дека за нив извештајот е неприфатлив, но ќе го поддржат само за да не се каже дека пратениците од владејачката партија прават блокада.

Тој напомена дека власта намерно од формирањето на новата влада не направила кадровски смени, сакајќи тој процес да произлезе од самата бранша. На тоа реплицираше Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ, која рече дека со укинувањето на радиодифузната такса се отвора простор за политичка контрола од власта на СДСМ врз МРТ, на што Тунтев реплицираше дека во изминатите години, кога беше на сила радиодифузната такса, перцепцијата во јавноста била дека јавниот радиодифузен сервис бил под силно влијание на власта на ВМРО-ДПМНЕ.

На тоа Стаменковска реплицираше дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сепак ќе гласаат „за“, иако, како што рече, укинувањето на радиодифузната такса била проблем и за министерот за финансии, кој „се чудел каде ќе најде пари во ребалансот за МРТ“.

Потоа пратениците преминаа на следната точка, одобрување на финансискиот план на МРТ за 2017 година, што експресно беше усвоено, без гласови против или воздржани.