fbpx

Собранието го ратификуваше Договорот за добрососедство со Бугарија

-

Со 61 глас „за“ и еден воздржан Собранието го ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Воздржан беше независниот пратеник Ферид Мухиќ, кој пред гласањето најави дека ќе гласа воздржано.

Пред гласањето на денешната 30. седница, зборуваа пратениците Никица Корубин, Артан Груби и Ферид Мухиќ. На седницата не присуствувaа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како и тие од БЕСА.

Зборувајќи во име на предлагачот, Владата на Република Македонија, министерот за надворешни работи, Никола Димитров ги повика пратениците да гласаат за ратификација на Договорот бидејќи, како што рече, „треба да се влијае на иднината и да се создаваат пријатели“.

– Денес ќе направиме важна работа ако ја поддржите ратификацијата. Во државите во нашиот регион, кој е многу оптоварен со историја, историјата е многу важна, но на неа не може да делуваме, можеме на иднината. Добро е што и двете држави решивме да излеземе од сигурноста на рововите. Убаво е со соседите да се однесуваме како со еднакви, да создаваме пријатели – рече Димитров.

Шефот на македонската дипломатија изрази жалење што во салата не се пратениците на опозицијата и рече дека и тие требало да бидат присутни на гласањето, затоа што владеењето на ВМРО-ДПМНЕ довело до тоа другата страна да бара некои работи.

– За жал немавме сили во формата на политичката организација на општеството, мислам на опозицијата… Ќе беше добро да беа тука и да го поддржеа овој договор. Се надевам ќе најдат сила да бидат тука за битни перспективи, особено што договорот произлезе од политика што ги донесе до атмосфера другата страна да инсистира да се потпише ваков договор – рече Димитров.

Според Ферид Мухиќ воообичаено е договорите за пријателство да бидат правени врз принципи на реципроцитет, а според него, овој договор не влегува во таа стандардна форма и излегува од стандарната процедура и значи од македонска страна било дадено повеќе од она што го бара меѓународното право.

– Затоа, поради несиметричноста, но и поради големината на гестот на Република Македонија, јас ќе гласам воздржано – рече Мухиќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...