fbpx

Собранието е институција која е најмалку вклучена во борбата против корупцијата

-

Собранието како орган досега најмалку беше вклучено во борбата против корупцијата, смета Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешнел -Македонија“ и прва претседателка на Антикорупциската комисија. Со слична констатација е и пратеникот Павле Богоевски, кој вели дека иако законодавниот дом има надлежности врз законите и врз изборот на членови на Државната комисија за спречување корупција (Антикорупциска), како и надзорна функција преку расправа за извештаите за нејзината работа, нема капацитет ефикасно да спроведе надзор.

Обајцата  вчера дебатираа на конференција „Итни приоритетски реформи: Јакнење на институционалната рамка во борбата против корупцијата: Има ли напредок?“ во организација на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, по повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата.

– Компаративно, во многу собранија постојат тела кои ги поддржуваат другите органи за борба против корупцијата. Системот за борба против корупцијата не е целосен ако не се вклучат сите – нагласува Тасева.

Богоевски оцени дека новиот закон за спречување корупција и судир на интереси, кој е во собраниска процедура, е подобрена законска рамка и одличен почеток во борба против корупцијата, но неопходно е да се подобри комуникацијата на Антикорупциската комисија и Собранието.

– Собранието ги избира членовите на комисијата и ги разгледува нејзините извештаи за работа. Во периодот кога пристигнуваат извештаите, пристигнуваат и мал милион други, а темпото со кое се разгледуваат е толку големо, што нема време темелно да се расправа за секој од нив поединечно – вели Богоевски.

Надзорната функција на Собранието, според пратеникот, е и во надзор над законската регулатива воопшто, за да утврди дали некои закони оставааат простор за коруптивно однесување.

– Сегашните услови не дозволуваат надзорна функција на Собранието. Ретки се надзорните расправи, не се навлегува суштински, туку се разгледуваат само фрагменти – вели тој.

Затоа, смета Богоевски, Антикорупциската може да доставува и периодични извештаи, а на Собранието му треба стручно тело кое ќе им помогне на пратениците во подготовка на расправата за извештаите.

– Има многу простор и во постоечката законска регулатива да се интензивира соработката. Веќе подолго време се зборува за буџетска канцеларија, која ќе дава стручни услуги за пратениците. Може да има голема улога во надзорот над финансирањето на институциите. Собранието мора да преземе улога на активен креатор, но и надзор на  борбата против корупцијата – вели Богоевски.

Идеја во зародиш, според пратеникот, е и формирање на интерпарламентарна група за надзор над мерките за борба против корупцијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...