Собранието денеска ќе расправа за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски


       
Скопје, 7 ноември, 2018 - 10:01 (META) 

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска со почеток од 11 часот ќе расправа за барањето од судот за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски во петокот го доби барањето од Судот од претседателот на Собранието, Талат Џафери и имаше рок од 15 дена да ја закаже седницата.

Барањето за одземање на мандатот на Груевски е според членот 59 од Деловникот на Собранието на РМ. Со него се предвидува за пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието да достави судот кој ја изрекол казната.

За да му биде одземен мандатот на Груевски на Собранието му е потребно двотретинско мнозинство. Неизвесно е дали за одземање на мандатот на поранешниот премиер ќе гласаат 80 пратеници, ако се знае дека пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за, а најголем дел од пратениците од независната пратеничка група предводена од поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска се изјаснија дека нема да гласаат.

Груевски најдоцна до утре овој месец треба да се јави на издржување на затворската казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната.