fbpx

Собранието без опозицијата го изгласа Оливер Андонов за министер за внатрешни работи

-

Собранието доцна вечерва со 65 гласа „за“ и ниту еден против, го избра Оливер Андонов за нов министер за внатрешни работи. За време на гласањето, во салата не беа присутни пратениците од опозицијата.

На гласањето за нов министер му претходеше жестока расправа меѓу пратениците од власта и од опозицијата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески, рече дека со предлогот на Андонов за министер за внатрешни работи власта си игра мајтап и ја нарушува безбедноста на државата.

– Овој функционер ќе нема можност анкетниот лист да го предаде дека станал министер. Целосен мајтап си играте со државата – рече Сугарески.

Неговиот колега од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пак, рече дека тоа што денеска го прават е во согласност со Уставот и со законите и дека со тоа ќе се намали можноста за непотизам од страна на Оливер Спасовски во МВР.

– Ова што денеска го правиме е комплетно во согласност со Уставот на Република Македонија. Вашата шокираност и вознемиреност е заради тоа што на овој начин со овие две три ротации што ќе се направат денеска и утре, ќе се намали драстично можноста за непотизмот на Оливер Спасовски во МВР – заклучи Димовски.

Претходно, премиерот Емил Димитриев пред пратениците образложи дека станува збор за личност која има работено во Армијата на Република Македонија и во Министерството за внатрешни работи, а во науката се има посветено на полето на безбедноста.

– Професор на воената академија, како и професор и на други високообразовни институции. Од неговата биографија може да се види дека целосната негова научна и професионална кариера е во сферата на одбраната и на безбедноста. Моментално работи во Воената академија. Сметам дека се работи за човек кој, покрај тоа што работел во МВР, и со својот научен кредибилитет и постигнувања во делот на безбедноста ќе даде максимум за што попрофесионално извршување на својата функција како министер за внатрешни работи – рече Димитриев.

Оливер Андонов ќе биде министер за внатрешни работи до утре, кога Собранието треба да ја изгласа привремената Влада за спроведување на изборите, закажани на 11 декември и на неговото место треба да дојде кадар предложен од СДСМ.

Претходниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, пак, ќе биде назначен од Владата за директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЗНМ: Претставка до ДИК за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Мета.мк

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопшти дека ќе достави претставка за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Новинската агенција Мета.мк до Државната изборна комисија (ДИК). Претставката...