fbpx

Со законски измени, прекувремената работа се ограничува на 190 часа годишно

-

Во собраниска процедура влезе предлог-законот за измени на Законот за работни односи со кој прекувремената работа се ограничува на осум часа неделно или 190 часа годишно.

Измените предвидуваат дека работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата, ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес, ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата, ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот и во други случаи определени со закон или колективен договор.

Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.

За работниците од Министерството за внатрешни работи, кои вршат посебни должности и овластувања согласно со посебен закон, прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

На работникот кој работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавач, во кои не се засметуваат деновите на искористен годишен одмор, работодавачот е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата.

Работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот. Исто така, работодавачот е должен за секое воведување на прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот.

Новата регулатива го задолжува работодавачот кој воведува прекувремена работа подолго од 190 часа годишно да изврши прераспоредување на работното време или воведување на нови смени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...