fbpx

Со реформите се брише терминот „тајна полиција“, велат од МВР

-

„Како држава, сакаме по 28 години да се ослободиме од терминот „тајна полиција“. Вака министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги објасни реформите на безбедносно-разузнавачкиот систем, кои треба да почнат со пакет закони и законски измени што Владата ги усвои на седница на 19 февруари, а штотуку влегоа во собраниска процедура.

Со новите законски решенија се формираат две нови тела, Агенција за национална безбедност, која ќе настане од денешната Управа за безбедност и контраразузнавање одвоена од МВР и без полициски овластувања, и Совет за координација со безбедносно-разузнавачката заедница, со кого ќе раководи премиерот.

Силен механизам за надзор и контрола, многу строги критериуми за вработување, одземање на полициските овластувања и одвојување на досегашната УБК во посебна владина агенција се главните карактеристики на реформата, нагласи врвот на МВР на денешниот брифинг.

– Со контролата и одговорноста која се предвидува, ниедна владина агенција нема да може да ја злоупотребува моќта и да ги следи комуникациите, освен ако се докаже дека има потреба – категоричен е Спасовски.

Со реформата, собранискиот надзор и контрола, кој го вршат матичните сораниски комисии, ќе биде засилен со експерти, а контрола над службите ќе имаат и Јавниот обвинител и Граѓанскиот совет за контрола.

Но, и граѓаните ќе имаат увид во работата на новата Агенција за национална безбедност. Секој граѓанин ќе има право од новата Агенција за национална безбедност да ги побара податоците кои евентуално ги има или ги собира за него.

Кредибилитетот на новото тело треба да го гарантираат и новите критериуми за вработување во безбедносната служба.

– Секој кој нема да мине безбедносна проверка ќе добие отказ – рече Спасовски.

Новата легислатива, според МВР, предвидува строго пропишани процедури и мерки за собирање податоци. Агенцијата ќе собира податоци за заштита на уставниот поредок или за сузбивање сериозни случаи на организиран криминал и корупција на високи функционери. Податоците нема да можат да бидат користени како доказ, туку врз основа на нив, ако има индиции за кривични дела, понатаму ќе постапува правосудната полиција.

Според динамиката на реформите, во кои се вклучени четири партнерски држави, а, според МВР, се во целост согласно критериумите на Европската комисија и НАТО, Агенцијата за национална безбедност треба да почне да работи на 1 јуни.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...