Со помали глоби „поуспешно“ против корупцијата


       
Скопје, 21 јануари, 2019 - 12:25 (META) 

Целосно новиот главен антикорупциски закон, и покрај значителните измени на подобро во однос на досегашниот, е со вградени фалинки добиени при последната амандманска расправа, особено во делот политички партии и незаконско финансирање. Зачудува и генерално намалената прекршочна политика, со значително помали суми за прекршоци од овој закон, пишува „Вистиномер“.

Собранието на Република Македонија на 17.01.2019 година со 81 глас за го донесе сосема новиот Закон за спречување на корупција и судирот на интереси, кој, иако на прв поглед драматично ги зголемува овластувањата на идните антикорупционери, во старт беше „затапен“ со прифаќањето на добар дел од амандамните на опозицијата.

Во новиот закон веднаш се гледа дека глобите за веќе постоечките прекршоци, но и за новите се значително намалени во споредба со претходното решение.

На пример, санкцијата за непријавување на имот и на судир на интереси по стапувањето на функцијата, за време на функцијата или ако има промени, досега изнесуваше од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност (член 63 од стариот закон). Сега законодавецот во новиот закон, член 109, за неисполнување на ваквата обврска предвидел изрекување глоба во висина од 300 до 500 евра!

Такви се и сите останати глоби. На пример, во членот 101 од новиот закон пишува дека на финансиска институција ќе ѝ се изрече глоба од 1.000 евра, доколку до Државната комисија не ги достави бараните податоци во рок од 15 дена. Што значат 1.000 евра за некоја од банките во РМ, макар и најмалата, па дури и за штедилница, макар и најмалата, јавноста може сама да извлече заклучок.

Целата статија прочитајте ја на „Вистиномер.мк“.