fbpx

Со „Љубовни пози на историјата“, прилепскиот театар освои три награди во Никшиќ

-

Народен театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, се закити со три награди на Меѓународниот фестивал на актерот што се одржа во Никшиќ, Црна Гора.

Актерката Ангела Наумоска освои Гран при за епизодна женска улога, а Гран при за епизодна машка улога освои актерот Зоран Иваноски.

И наградата за колективна игра отиде во рацете на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, кој се натпреваруваше со претставата „Љубовни пози на историјата“, работенa по текст на неодамна починатиот Горан Стефановски, а во режија на Наташа Поплавска.

Наградените актери овие награди му ги посветуваат на авторот на драмскиот текст.

– Овие награди треба да бидат посветени на Горан Стефановски. Тој беше дојден за време на фестивалот во Прилеп, каде прв пат ја изведовме претставата. Стефановски ја гледаше изведбата, а потоа ги сподели впечатоците со нас. Тоа што тој го сподели тогаш со мене, беше најголемата награда за оваа претстава – изјави актерот Иваноски.

Како што вели, за него е особено значајно што во жири комисијата на фестивалот во Никшиќ, немало ниту еден Македонец.

-И покрај тоа се закитивме со три награди.Така што утре, задутре никој не може да рече ,тој им ја нареди ним наградата…’ Ова ми е прва награда освоена во театарот. Сакам да ја споделам со сите колеги, зашто без колегите нема награда. Криво ми е затоа што оваа претстава беше изведена на театарските игри овде во Прилеп минатата година и тоа е една чудна работа, нашите генијалци не успеаја да ја видат оваа претстава, нејзините вредности – вели актерот Иваноски.

За Иваноски и неговата колешка, актерката Ангела Наумоска, чудно е што, прилепскиот театар наградите во Македонија ги добива откако ќе се освојат награди на фестивали во странство.

-Веројатно ова е традицијата која што ни се повторува. Првин ги добиваме наградите надвор од Македонија, па потоа се враќаме овде, ги играме претставите на МТФ „Војдан Чернодрински“ па дури тогаш не наградуваат. Веројатно правило треба да биде кога ќе ја дадеме премиерата, да излеземе од Македонија, да земеме награди, за стручното гледачко око да знае дека ние нешто правиме, а не дека се шетаме и дека не ги само кршиме штиците што се поставени таму – додава Наумоска.

За aктерите, но и за директорката на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, во чии рамки функционира театарот, оваа награда е признание за посветената, професионална работа на целиот ансамбл.

-Претставата се изведе по веста за смртта на Горан Стефановски. Во моменти кога на сите ни беа измешани емоциите, по трагичната вест за загубата, актерската екипа со една неверојатна енергија, маестрално ја одиграа оваа претстава, сакајќи да му оддадат почит на Стефановски. Публиката ракоплескаше долго и громогласно – вели директорката Менче Караџоска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...