fbpx

Со два дрона, камери и со повеќе инспектори, град Скопје ќе се бори против загадувачите

-

За само пет дена, откако град Скопје упати апел до граѓаните да не ги пријавуваат загадувачите на воздухот во Скопје на социјалните мрежи туку на надлежните инспекции на дежурниот телефон 193, добиени се 42 пријави од граѓани, градската комунална инспекција интервенирала по сите поединечно, при што на 10 локации кои биле на јавни површини, бил изгаснат пожар. Останатите пријави главно се однесувале на палежи на смет во приватни поседи.

И покрај зголемувањето на обемот на работата на инспекциските служби на град Скопје за откривање и казнување на загадувачите во однос на минатата година, граѓаните не се задоволни од тоа како град Скопје се справува со случаите на палењето отворени огнови на кои се согорува разновиден отпад и со тоа се зголемува аерозагадувањето.

– Има евидентно зголемување на бројот на интервенции на градските инспектори за животна средина – 89 проценти во септември годинава во споредба со истиот месец лани и 107 отсто за месец октомври споредено со истиот месец во 2017, но свесни сме дека треба многу повеќе да се зголеми ефикасноста на инспекциите за граѓаните навистина да почувствуваат позитивни резултати – вели Мирослав Богдановски, директор на Инспекциската служба на град Скопје.

Според него, веќе се работи на неколку клучни подобрувања кои ќе значат повеќе откриени и решени случаи на терен и поголем ефект од сработеното. Годинава градската комунална инспекција се опреми со теренско возило, а за 2019 се најавува зголемување на бројката на ангажирани инспектори за животна средина, од сегашните 7 на ниво на град Скопје и 15 комунални редари, а во најскоро време ќе се вклучат во функција и дронови, чија функција ќе биде прецизно утврдување на локациите каде има незаконско палење на огнови.

– Засега се предвидени да функционираат два дрона, од кои секој со едно летање покрива површина од 200 хектари па така ќе можеме попрецизно да ги лоцираме загадувачите на терен – информира Богдановски и додава дека се разгледува можноста за поставување и на камери на повисоките објекти во градот со поголеми геолокациски можности, се со цел да се утврди каде точно се наоѓа загадувачот. Овие мерки значително ќе го зголемат обемот на реализирани интервенции на инспекцијата. Сличен систем веќе функционира во главниот град на Србија, Белград.

Кој е патот на една пријава од граѓанин за загадување?

– Откако граѓанинот ќе се јави и ќе ја каже точната локација од каде чади, диспечерот испраќа возило со комунален инспектор, комунален редар, а бидејќи најчесто се работи за палење огнови од стана на луѓе кои се во тешка социјална состојба со нив се и претставник на Црвениот Крст и на социјалните служби, потоа пожарникари, а во некои случаи се бара и асистенција од полиција – појаснува Богдановски. Засега се работи со по една патрола во смена, со вкупно три смени за 24 часа.

Според Богдановски, ефикасноста во интервенирањето по пријавите на граѓаните би се зголемила доколку би постоела поефикасна соработка со општинските инспекциски служби, кои сега функционираат независно од градската инспекција, како и со повисоки од досега предвидените казни за загадувачите за прекршоци од комуналната сфера.

Пишува: Југослава Дуковска

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Синдикатот на Пошта бара нова систематизација, најавува протести и штрајк

Синдикатот на Македонска пошта најави дека во соработка со вработените и со ангажирање на експерти ќе подготви нова систематизација што ќе ја достави до новата влада со барање истата...