Со 5 гласа „за“, Комисијата му предложи на Собранието да му го одземе мандатот на Груевски


       
Скопје, 7 ноември, 2018 - 12:06 (META) 

Со пет гласа „за“ Комисијата за мандатно имунитетни прашања реши да му предложи на Собранието да му го одземање пратеничкиот мандат на Никола Груевски. Одлуката треба да ја донесе Собранието на пленарна седница со двотретинско мнозинство.

Груевски не се појави на седницата иако претседателот на Комисијата, Павле Богоевски рече дека бил поканет на седницата на која единствена точка на дневен ред беше известувањето од судијката Добрила Кацарска за правосилната пресуда од две години против него во случајот „Тенк“ на СЈО.

Поранешниот претседател на парламентот, Трајко Вељаноски обвини дека против Груевски се води политички монтиран процес. Вељаноски рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде против, по што членовите на овој табор ја напуштија комисијата.

Александар Кирацовски од СДСМ рече дека никој не смее да се крие зад пратеничкиот мандат за да избегне кривична одговорност.

Сашо Василевски од новата независна пратеничка група, кому истата Комисија лани во декември му го одзема имунитетот заради 27 април, кажа дека осумтемина пратеници ќе бидат против одземање на мандатот во духот на вчера формирано тело за помирување.