!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Снегот дополнително ги отежна условите за живот во бегалскиот камп Морија


       
Атина, 8 јануари, 2017 - 11:24 (META) 

Илјадниците бегалци во бегалскиот камп Морија на Лезбос викендов се соочуваат со уште потешки услови за живот поради поларната температура и снегот на островот. Тенките летни шатори во кои живеат повеќе од 8.000 бегалци на Лезбос викендов се прекриени со снег и нов предизвик за бегалците е како да се заштитат себеси и своите работи од студот и од снегот. Некои од нив поставуваат големи пластични ќеси над шаторите, но и тоа не е доволно за да го избегнат студот во кампот.

Голем број од бегалците и од волонтерите протестираат и реагираат затоа што државата нема направено нешто досега за да ги заштити од очекуваните лоши зимски временски услови, иако неколку дена однапред имаше најави за опаѓање на температурата под нулата и снег во целата држава. Иако владата вети дека од септември бегалците ќе бидат преместени во нови кампови во кои ќе има бунгалови наместо шатори, тој план е пролонгиран и засега сè уште нема најава кога ќе се случи тоа. Во најголемиот број случаи, низ камповите во земјата бегалците се сместени или во пластични контејнери или во тенки шатори на УНХЦР на отворено, или во празни индустриски хали, иако има и случаи каде бегалците се сместени во контејнери каде има греење.

Снегот во Грција предизвика голем број проблеми, сообраќаен хаос на автопатиштата низ земјата, дел од автопатот Патра – Коринт на Пелопонез беше и затворен, а во голем дел од Северна Грција и на Халкидики, иако времето почнува да се подобрува, неопходно е поседување зимска опрема. Овие два дена поради лошото време животот го загубија две лица, еден 77-годишен човек, кој почина од хипотермија откако се изгуби во шумски предел и една постара жена од задушување поради начинот на греење на домот.