„Слободата и интернетот во Македонија“: Приватноста, лажните вести и говорот на омраза се новите предизвици


       
Скопје, 11 мај, 2018 - 15:50 (META) 

Во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје се одржa конференцијата „Слободата и интернетот во Македонија“ во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ како дел од одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на Фондацијата Отворено општество Македонија(ФООМ) – #ФООМ25.

На конференцијата се дискутираше за развојот на интернетот во земјава, за предизвиците со кои се соочува онлајн медиумската заедница и за нивните искуства и потреби.

MSU2

На темата „Слободен тек на информации – предуслов за отворено општество“ говорea Бардил Јашари, извршниот директор на „Метаморфозис“ и Санта Аргирова, член на Управниот одбор на ФООМ.

– На почетокот проблемот и „борбата“ беше околу пристапот кон интернет и малиот број на корисниците, сега е борбата е друга, со заштитата на приватноста, со лажните вести и со говорот на омраза – рече Јашари.

Според Аргирова, сè уште е голем јазот меѓу генерациите околу користењето на интернетот чија главна предност е што е отворен, двонасочен.

– Со интернетот секој граѓанин има свој медиум. Преку интернетот се остварува правото на слободно информирање и тој е совршено огледало на едно општество – рече Аргирова.

На првата панел-дискусија за клучните моменти на развојот на интернет во Македонија говореа Софче Јовановска, шеф на кабинет на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Јован Колов од „Нетцетера“, Огнен Фирфов, директор за интерна ревизија во Македонски Телеком и Игор Трајковски, основач и сопственик на Time.mk.

MSU1

За „Улогата на онлајн-медиумите во борбата за слободата на говорот“,говореа Бранко Героски, раководител на „Плусинфо“, Елида Зулбеари, уредничка на „Порталб“, Зоран Андоновски, уредник на „Мета“ и Никола Гелевски, уредник на „Окно“.

За „Плагијаторството и лажните вести – закана за професионалното новинарство“ зборуваат Емир Зулехиќ, уредник на „Raskrinkavanje.ba“ од Сараево, Томислав Георгиев, фоторепортер, Наталија Миленковска, aдвокат, и Ѕвездан Георгиевски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).