На свеченото отворање на годинашното, јубилејно, 20. издание на Скопскиот филмски фестивал, задутре во киното „Милениум“ ќе биде прикажан филмот „Реквием за госпоѓа Ј“, а присутни ќе бидат актерката Мирјана Карановиќ и режисерот и сценарист Бојан Вулетиќ.
Годинашното издание содржи повеќе од 75 филмови, работилници и гостувања на реномирани филмски имиња, а во програмата е и првата македонска ретроспектива на Стенли Кјубрик. Првпат ќе се одржи и програмата „Креираме заедно“.
Програмите од 20 до 28 април ќе се одржуваат во кино „Милениум“, Кинотека на Македонија и во кино „Фросина“.
Филмот што ќе го отвори фестивалот беше дел од официјалната програма „Панорама“ на 67. Берлински филмски фестивал. Се работи за соработка на српска, македонска, руска, бугарска и на француска продукција, која ја раскажува приказната за службеничката Јелена, која решава да изрши самоубиство, но сфаќа дека ништо не е едноставно во земјата што постојано оди напред – назад меѓу мака и транзиција.