Скопје, Битола и Штип одбележуваат 75-години од депортирањето на Евреите од Македонија


       
Скопје, 12 март, 2018 - 0:44 (META) 

Со симболичниот „марш на живите“ и положување цвеќе на споменикот на 7.144 македонски Евреи кои биле депортирани во Треблинка продолжуваат сеќавањата и одбележувањето на холокаустот и заложбата за борба против антисемитизмот.

Денеска пред споменикот ќе се обратат претседателката на Еврејската заедница во Македонија, Берта Романо Николиќ, премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега, Бојко Борисов, по што ќе се упатат кон комеморативната седница во Собранието на Република Македонија.

По повод 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна, владини делегации вчера присустуваа на комеморативните настани во Скопје, Битола и Штип.

Делегација предводена од министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска, во придружба на заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски и заменик министерот локална самоуправа Дејан Павлески, положија свежо цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи и споменикот на паднатите борци во НОБ на градските гробишта Бутел во Скопје.

Во Битола, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и државниот секретар одво МНР, Виктор Димовски, учествуваа на комеморативните настани, положија цвеќе пред споменикот на депортираните Eвреи од Битола и споменикот на народниот херој Естреја Овадија – Мара. Присутните продолжија со симболичниот „марш на живите“, а по молитвата на еврејските гробишта и отворањето на Ерусалимската патека, владината делегација присуствуваше и на отворањето на изложбата „Дипломати праведници помеѓу народите“ во Музејот на Битола.

Министерот за здравство Венко Филипче и државниот секретар од министерството за здравство Владо Милошев присуствуваа на комеморативните настани во Штип и положија цвеќе пред споменикoт на депортираните Евреи од овој град.