fbpx

СЈО: Оставаме пратениците да ги решат законите, ние продолжуваме со истрагите

-

Специјалното јавно обвинителство му остава на Собранието да го реши прашањето со измените на Законот за заштита на сведоци, велат од СЈО на нашето прашање дали повторно ќе бара од актуелниот собраниски состав да ги донесе измените на Законот за СЈО и на Законот за заштита на сведоци или ќе го чека формирањето на новиот парламентарен состав по изборите на 11 декември.

„Ова јавно обвинителство во март оваа година ја поднесе иницијативата за измени на Законот за заштита на сведоци и оставаме тоа да го решат пратениците во Собранието. Веќе неколкупати јавно апелиравме за неопходноста од изменување на овој закон“, велат од СЈО за „Мета“.

Оттаму додаваат дека и покрај недонесувањето на измените на Законот за заштита на сведоци, СЈО ќе продолжи со предистражните и со истражните постапки, но истакнуваат дека „за одредени предмети измените на овој закон се од клучно значење“.

Пратениците од владејачкото мнозинство во вторникот ги одбија предлозите на опозицијата, Собранието да ги донесе по скратена постапка измените на Законот за СЈО (за продолжување на рокот на истрагите) и на Законот за заштита на сведоци.

На недонесувањето на законите веднаш реагираа Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на САД и на Кралството Холандија во земјава и европратеникот Едвард Кукан, со порака дека барањата на СЈО се разумни и оти од поддршката на работата на СЈО од сите партии е од клучно значење за разврска на кризата во земјава.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, соопшти дека нема да поддржи нови преговори, договори и продолжувања на рокови кои се надвор од Договорот од Пржино.

Вчера пратеникот Павле Трајанов повторно ги поднесе измените во законодавниот дом, овојпат во редовна постапка.

За 14 октомври е најавена посета на Скопје на еврокомесарот за проширување и меѓусоседска политика, Јоханес Хан, за време на која се очекува тој да разговара и за опструкциите што му се вршат на СЈО, подготовките за изборите и за распуштањето на Собранието.

Според најавите, тој во Скопје ќе се сретне со лидерите на најголемите политички партии, со специјалната обвинителка, Катица Јанева, и со граѓанскиот сектор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...