СЈО со нови докази за блиндираниот „мерцедес“


       
Скопје, 14 мај, 2018 - 13:55 (META) 

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска поднесе нови докази за случајот „Тенк“. Одбраната се спротивстави на разгледување на  доставените нови докази. По дебатата во судницата и инсистирањето на СЈО дека станува збор за битни докази кои треба да бидат прифатени од судот, беше дадена пауза за да се произнесе судечкиот совет, а по неа приговорот на одбраната беше отфрлен.

СЈО како нов доказ ја предложи електронската комуникација меѓу „Мак Аутостар“ од каде е набавен спорниот „мерцедес“ и компанијата „Дајмлер“ од Германија.

– Од меил комуникацијата произлегуваат многу битни елементи и од нив може да се разјаснат прашањата кои беа спорни за одбраната. Не се работи за вообичаена, туку за прецизна и специфична комуникација за набавката што е предмет на обвинение – истакна обвинителот Стевчо Донев.

Со ова, комуникацијата меѓу „Мак Аутостар“ и „Дајмлер“ ќе биде еден од доказите со кои СЈО ќе го докажува обвинението со кое се спори набавката на „мерцедесот“ од 600 000 евра.

Судскиот совет, инаку, го прифати барањето на обвинетиот Никола Груевски да побара информација од „Ауто Македонија“ АД Скопје дали може секој да увезе возило од секаква марка. Груевски преку своите адвокати побара и Судот да обезбеди известување од Општина Новаци во врска со јавна набавка на патничко моторно возило, но судијката Кацарска нагласи дека во овој предмет тоа е сосема ирелевантно, бидејќи набавката на возило од страна на Општина Новаци не е поврзана со предметот на обвинението.

Меѓу поднесоците на одбраната, имаше барање Судот да обезбеди информации за тоа колку пати од јули 2006 до февруари 2016 имало потреба од сервисирање на возилото што се користело пред луксузниот мерцедес, но и ова барање не беше прифатено.