!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СЈО со нова интернет-страница ја најави двегодишнината од формирањето


       
Скопје, 12 септември, 2017 - 17:36 (META) 

Специјалното јавно обвинителство в петок полни две години од своето формирање, односно од донесувањето на Законот за СЈО и од изборот на Катица Јанева за специјална јавна обвинителка.

Според Законот за СЈО, Јанева в петок треба да го објави четвртиот шестмесечен извештај за работата на обвинителството и да го достави до Собранието и до Советот на јавни обвинители.

Во пресрет на извештајот, Специјалното јавно обвинителство денеска ја објави својата нова, редизајнирана интернет-страница.

Инаку, последната прес-конференција и воедно последно појавување на Катица Јанева во јавноста беше на 29 мај оваа година, кога СЈО поднесе 17 обвиненија за 18 случаи (случаите „Таргет“ и „Тврдина“ се споени во еден предмет), против вкупно 94 лица и седум фирми.

Меѓу обвинетите се и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, ексминистрите за внатрешни работи, култура и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска, Елизабета Канческа-Милевска и Миле Јанакиески, и други поранешни и актуелни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.