!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СЈО потроши 4 милиони евра за политички прогон на ВМРО-ДПМНЕ, тврди Стојановски


       
Скопје, 29 јули, 2017 - 12:59 (META) 

СЈО досега потроши четири милиони евра народни пари за политички прогон на функционерите од ВМРО-ДПМНЕ и не даде соодветен извештај за кои потреби ги потроши, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

– Многу е веројатно дека огромен дел од овие средства не се потрошени во интерес на правдата туку единствено во партиски и непотистички цели. СЈО со овој буџет од четири милиони евра успеа да вдоми партиски војници од СДС, внуци и роднини. Пред неколку дена СЈО бесрамно отвори нов оглас за вработување на нови 30 лица. Ова значи дека СЈО со новиот оглас ќе продолжи со практиката да вдомува членови и симпатизери на СДС и да ги финансира нивните астрономски плати и хонорари со парите на граѓаните – изјави пред СЈО, Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата го обвинуваат СЈО за нетранспарентност и за неотчетност и дека единствена цел на неговото постоење е политички прогон и трошење на средства за раскош и за организација на скапи ручеци.

– Жално е што СЈО со парите на народот ќе продолжи да си задоволува партиски или непотистички страсти и потреби. Затоа ќе следува одговорност за сите постапки кои СЈО ги презема во нивниот политички прогон и правна и историска одговорност – рече Стојановски.