!Пристапот кон Мета.мк е слободен, без регистрација, за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести.
Пренесувањето и преземањето на содржините од Мета.мк е бесплатно во промотивниот период, но со задолжително атрибуирање и линкување.

СЈО: Отворени истражни постапки за Јанкулоска, Јанакиески и за Божиновски за фалсификување на изборите


       
Скопје, 12 февруари, 2016 - 12:08 (META) 

Специјалната обвинителка Катица Јанева денеска одржa прес-конференција на која ја најави првата акција под името „Титаник“.

Во неа, како што информираа од Специјалното обвинителство, биле отворени истражни постапки против поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и против секретарот на Владата, Кирил Божиновски, за злосторничко здружување, повреда на избирачко право, повреда на слободата на гласање, поткуп и за уништување избирачки материјал, а сè за фалсификување на изборите.

Во сала преполна со новинари и странски набљудувачи, прес-конференцијата ја започна Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева . Јанева не говореше за детали по отворените истражни постапки туку се заблагодари за добиената поддршка од меѓународната заедница и рече правдата ќе победи наспрема заканите.

– Правдата ќе победи и покрај тешкотиите и заканите кои доаѓаат од одредни политички партии и конструираните кривични пријави против мене и моите соработници. Ме охрабрува поддршката од меѓународната заедница, а поддршка добивам и од правната струка. Ќе отворам постапки за 10 кривични предмети од областа на изборите, човековите права и слободи – рече Јанева на почетокот и ја напушти прес-конференцијата.

По завршувањето на излагањето на двете обвинителки, Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи, новинарите речиси и се скараа меѓусебе кој прв да постави прашања.

Во тензична атмосфера, дел од новинарите ја прашуваа Ристовска за имотот на Јанева, за транспарентноста на трошењето на парите на Специјалното јавно обвинителство и за примопредавањето на материјалите од прислушкуваните разговори.