fbpx

СЈО почна истрага против Ахмети и Груевски за пропаднатиот попис

-

Специјалното јавно обвинителство денеска објави дека отвора три нови истраги, и тоа „Попис“, „Моќник“ и „Актор“, во кои се сомничат Никола Груевски, Али Ахмети, Антонио Милошоски и повеќе лица од „Актор“ – компанијата која го градеше автопатот Демир Капија – Смоквица.

Како што објави специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, во случајот „Попис“ се почнува истрага против тогашниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот на ДУИ за одлагање на пописот во 2011 година поради политички причини, односно тие се сомничат дека се договориле да го прекинат пописот, бидејќи сметале оти демографските факти нема да им одат во прилог.

-Воедно, со цел да избегнат одговорност за која од разговорите произлегува дека се свесни дека постои, се договориле причините за стопирање на пописот преку средствата за јавно информирање и преку партиските соопштенија да ги презентираат како проблеми од техничка природа и од некадарноста на државната пописна комисија и Заводот за статистика, иако уште со донесувањето на Законот за попис и законските решенија во истиот се овозможува различно толкување на Законот и неизвесност за законито негово спроведување, што го нотира Еуростат во својот извештај – рече Фетаи.

Со тоа што не го одложиле пописот за подоцнежно време, туку под нивно влијание во Собранието на Република Македонија е донесен законот за кој престанува да важи Законот, нанеле штета на буџетот од над 175 милиони денари.

– Преку влијание врз парламентарните групи на двете партии, на 15 октомври 2011 година бил изгласан закон со кој престанува да важи законот за попис. На тој начин потрошените пари до момент на одложувањето, кои се искористени за обука и подготовки, не би биле штета и би биле искористени во одложената операција – рече Фетаи.

Во случајот „Моќник“, кој се води против, како што рече обвинителката Фетаи, во тоа време многу влијателен пратеник, беа посочени два случаи на кривични дела – продажба на општинската зграда на Општина Пласница во селото Ижишта и за нарачка на лустрација на судијата Драги Билески. Од досегашните извештаи во медиумите, станува збор за Антонио Милошоски, а покрај него се осомничени и неговиот татко, потоа тогашниот градоначалник на Општина Македонски Брод и други лица.

Фетаи рече дека имало многу кривични дела во постапката со која општинската зграда на Општина Пласница и земјиште станале сопственост на таткото на Милошоски, а во врска со незаконската продажба, потоа првоосмничениот, според обвинителката, нарачал лустрација против кичевски судија. Имено, станува збор за судијата Драги Билески, за кој постои основано сомнение дека бил лустриран по нарачка на Милошоски, бидејќи тој сметал дека го штити градоначалникот на Пласница, Исмаил Јахоски, кој се спротивставил на продажбата. Освен тоа, како што рече  Фетаи, првоосомничениот пратеник нарачал инспекциски контроли во компанијата на Јахоски – „Пуцко Петрол“.

СЈО почна истраги и за случајот „Актор“, односно за тендерот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, како и за извлекувањето големи суми пари од вработени во компанијата. Првоосомничен во овој случај е тогашниот премиер Никола Груевски, а второосомничен тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и тројца членови на комисија во Министерството и одговорни лица во грчки „Актор“, неговото македонско претставништво и уште две компании за перење пари. Притоа, како што рече Фетаи, Груевски влијаел врз Јанакиески да не биде избрана компанија од Италија, оти во Македонија нејзин претставник бил „комуњар“ а нему повеќе му се „допаѓаат оние од југ“.
Останатите се сомничат за сокривање на парите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Германија добива онлајн регистар на донори на органи

Германскиот онлајн регистар на донори на органи вчера беше отворен со две години задоцнување. Министерот за здравство Карл Лаутербах оцени дека тоа придонесува за транспарентност и поголема подготвеност на...