СЈО побара Јанкулоска да биде прогласена за виновна


       
Скопје, 3 октомври, 2018 - 12:02 (META) 

Обвинителите од Специјалното јавно обвинителство на крајот од своето изнесување на завршните зборови за случајот „Тенк“ побараа обвинетата Гордана Јанкулоска да биде прогласена за виновна со оглед на тоа дека извршила злоупотреба на службената положба за набавка на екстралуксузниот автомобил „мерцедес“.

„Обвинетата Гордана Јанкулоска при набавката на возилото ‘мерцедес ес 600 гард’ била свесна за своето дело и сакала извршување на истото. Таа го поттикнала Поповски незаконски да го фаворизира ‘Макаутостар’ за да се набави ново блиндирано возило по желба на тогашниот премиер, Никола Груевски. Бараме обвинетата да биде прогласена за виновна земајќи ги предвид сите олеснителни и отежителни околности, а со тоа да бидат платени и 313 илјади денари судски трошоци солидарно со Груевски и Поповски“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

За овој случај веќе е осуден поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затворска казна, а поранешниот премиер Никола Груевски, како поттикнувач за извршување на делото, е осуден на две години казна затвор.