fbpx

СЈО бара притвор за обвинет во „Шамарите“ бидејќи три пати не дошол на судење

-

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, кога слушна денеска дека обвинетиот Милан Андоновски во случајот „Шамари“ за насилство во Општина Центар, по третпат не доаѓа на судење, побара мерка притвор против него, објави „СДК“.

Претходните двапати не го оправдал отсуството, а денеска неговиот адвокат поднесе доказ од приватна лекарска ординација, која наведува дека имал ларингит и му препорачува да нема физичка активност и му отвора боледување од 14 дена.

– Ако дојдеше денеска Андоновски во судница, немаше да има никаква физичка активност. Следниот пат ќе се разболи некој друг обвинет, бидејќи целта е да не почне ова судење никогаш – кажа Фетаи.

На ова се надоврза обвинителот Гаврил Бубевски кој рече дека ларингит имаат половина од присутните во судницата и побара на обвинетиот да му се одреди притвор.

– Ако дојде во судница, нема да го тера никој да копа или да има друга физичка активност. Барем температура да ставеше во оправданието. Ларингит имаме половина од присутните во судницава. Да му се одреди притвор за непочитување на судот и на останатите обвинети и следниот пат да си биде спроведен со неговите „амоксиклави“ што си ги пие тој и многумина во судницава во овој период на годината – дополни обвинителот Гаврил Бубевски.

Судењето за овој случај на СЈО не може да започне година и пол поради болести на обвинетите, процедурални блокади и смена на судија. Следните рочишта се закажани за 3 и 19 април.

Во случајот „Шамари“ обвинети се 14 лица за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. На претходните рочишта, вина за настаните признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија по шест месеци условна казна.

Првообвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и Даниела Рангелова.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...