Успешното надминување на политичката криза и тековните напори за спроведување на владината реформска агенда нудат единствена можност за напредок, рече генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, по завршувањето на неговата дводневна посета на Скопје.
– Сите чинители треба да ги здружат силите во зајакнувањето на демократските процеси и во враќањето на довербата во институциите во земјата, воспоставувајќи ефективни механизми за контрола – рече Гремингер.
Тој ја истакна потребата да се работи на долгорочните структурни реформи во областите како што се владеењето на правото, слободата на медиумите, демократското владеење, полицијата и безбедносниот сектор.
Гремингер ги охрабри понатамошните чекори за градење кохезивно општество и продолжување на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Тој, исто така, ги поздрави напорите за зацврстување на добрососедските односи, вклучително и потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија.