Сите бегства на Ѓорге Иванов (инфографик)


       
Скопје, 25 септември, 2018 - 14:59 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов во клучните моменти за Македонија аболицирал или поништувал или непотпишувал или не бил тука, па се враќал или требало да оди, па не одел ама немало да гласа.

Иванов на 9 мај 2015 година кога изби вооружената престрелка во Куманово беше во Москва на прославата за 9 Мај – Денот на победата над фашизмот. Следниот ден, кога работите станаа поизвесни, се врати во земјата.

Таа година на парадата во Москва не дојдоа претставници на земјите членки на НАТО, како и на други земји кандидати, во знак на протест поради агресијата врз Украина.

Во полициската акција за разбивање на вооружена терористичка група во кумановската населба „Диво насеље“ загинаа 8 полицајци. Настаните во Куманово се случија во период на сериозна политичка криза во Македонија и во период кога, од 5 мај, започнаа антивладини протести.

На 12 април 2016 година Иванов објави дека донел одлука да потпише аболиција за сите политичари против кои се води истрага во рамките на СЈО. Во екот на отворањето на најголемите скандали и криминали во македонската историја со случаите на СЈО, Иванов прогласи амнестија за 57 лица и со тоа го закочи, закомплицира и го доведе во прашање целиот обид за нивно расветлување и за кривично и судско гонење на актерите.

На 6 јуни 2016 година Иванов, по серија убедувања натегања и средби ја укина амнестијата.
Според него „за разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија и во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции, кои можат да се справат со предизвиците“

На 1 март 2017 Иванов не му го даде мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. И покрај освоените гласови и подготвената коалиција Иванов соопшти дека одбива да му го даде мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. За Иванов беа спорни роковите и преговорите за „туѓи платформи“. Овој негов потег беше вовед во настаните од 27 април 2017 кога во насилен упад во Собранието беа повредени пратеници и новинари и целата земја беше на работ на меѓунационален и меѓуетнички судир.

На 17 мај 2017 Иванов, сепак, му го даде мандатот на Заев. Иванов прво на 1 мај, по средбата со заменик-помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји, побара гаранции „за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија”, па му го додели мандатот на Заев за формирање влада.

На 17 јануари 2018 Иванов не го потпиша законот за употреба на јазиците. Иванов вели дека законот е „неправеден и репресивен и го фаворизира само албанскиот јазик.“ Според Иванов, „со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност“.

На 26 јуни, 2018 година Иванов не го потпиша законот за ратификација на спогодбата со Грција. Иванов смета дека „ нема мандат да го потпише Указот за прогласување на законот за ратификација бидејќи еден од столбовите на неговата политика во изборната програма од 2014 година е дека не прифаќа промена на Уставот со цел промена на уставното име.“

На 22 септември 2018 година пред пред дијаспората во САД изјави дека на 30 септември нема да излезе да гласа, и нема да пополни референдумско ливче. „На 30 септември нема да излезам да гласам. Кога ја преземав функцијата претседател на Република Македонија, положив свечена изјава дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Не отстапувам од таа моја заклетва. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам“, рече Иванов.