fbpx

Сите аболиции во независна Македонија: Иванов ги надмина Трајковски и Црвенковски

-

Тројца од вкупно четворицата претседатели на државата во историјата на самостојна Македонија ја искористија аболицијата како правен инструмент за ослободување лица од кривично гонење уште пред осомничените да седнат на обвинителна клупа во судот.

Единствен што не го употребил овој институт е првиот претседател на државата, покојниот Киро Глигоров.

Сите негови наследници во своите мандати аболираа лица осомничени за криминал, а последниот во таа низа е актуелниот претседател Ѓорге Иванов, кој вчера соопшти дека донел одлука за аболиција и за амнестија на сите политичари за кои се водат кривични постапки.

  • Прв аболицијата ја употреби вториот македонски претседател Борис Трајковски. Тој во април 2003 година со ваквата одлука ја запре постапката против поранешната министерка за внатрешни работи и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Доста Димовска, и поранешниот началник на петтата управа на УБК, Александар Цветков, за случајот „Големото уво“ од 2001 година, во кој беа прислушувани серија новинари. Предметот беше ставен ад акта во моментот кога судијата го проучуваше предметот и се чекаше датумот за почеток на судењето.
  • Пет години подоцна, во август 2008 година, претседателот Бранко Црвенковски со акт на аболиција го помилуваше од понатамошно гонење сегашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, осомничен, со уште петмина соработници, за случајот со трговскиот центар „Глобал“ во Струмица.

Постапките на Трајковски и на Црвеновски, како и сегашната на Иванов, предизвикаа многу контроверзии во јавноста, а парламентарните мнозинства во Собранието бараа одговорност од претседателите.

СДСМ и ЛДП во 2003 година го поставија прашањето за импичмент на Трајковски за одлуката, додека во 2008 година со истиот предлог за Црвенковски настапија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Терминот аболиција доаѓа од латинскиот збор abolere – уништува и претставува ослободување од кривично гонење на лица за кои постои основан сомнеж дека се сторители на кривични дела.

Институтот општа амнестија во историјата на земјава, според македонската верзија на интернет-енциклопедијата „Википедија“, бил искористен четири пати. Во сите случаи амнестијата била донесена со посебни закони донесени од Собранието, како што пропишува Уставот.

  • Во 1991 година, донесен е првиот закон за амнестија и биле амнестирани 907 лица, од кои некои биле затвореници, додека другите биле осудени со правосилни пресуди, но не почнале со издржување на затворските казни.
  • Во 1999 година, донесен е уште еден, но порестриктивен закон за амнестија. Тогаш, целосно биле ослободени од казните сторителите на кривични дела со кои била предизвикана верска, национална и расна омраза. Притоа, на некои осуденици им биле намалени казните за 25 отсто, на некои за 15 осто, додека за 10 отсто им биле намалени казните на осудените за незаконско поседување оружје и за трговија со дрога. Овој закон, според „Википедија“, бил дел од политичкиот договор меѓу коалициските партнери во владата, ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, со кој биле ослободени градоначалниците на Тетово и на Гостивар, Алајдин Демири и Руфи Османи, како и учесниците во обидот за отворање на незаконскиот универзитет на албански јазик во Мала Речица.
  • Во 2002 година, како последица на Охридскиот рамковен договор, бил донесен третиот закон за амнестија, со кој се предвидувало ослободување од гонење, запирање на судските постапки и ослободување на затворениците поврзани со војната од 2001 година. Од овој закон биле изземени само воените злосторства.
  • Во 2003 година и со ревизијата од 2004 година, бил донесен четвртиот закон за амнестија, кој ги опфатил граѓаните што ја одбегнувале воената обврска, не одговориле на поканата за служење во Армијата и самоволно се оддалечиле од вооружените сили.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...