fbpx

СИРИЗА еуфорично ја слави историската победа на изборите

-

Грција ја очекува целовечерен трилер со пребројувањето на гласовите. Сè додека не се преброи и последниот глас, нема да биде сигурно дали СИРИЗА ќе успее сама да формира влада или, пак, ќе мора да коалицира со други партии. СИРИЗА и Алексис Ципрас се официјалните победници на грчките избори со речиси 9 отсто водство пред Нова демократија. Според првите пребројани официјални резултати од Министерството за внатрешни работи, на околу 30 отсто од преброените гласови СИРИЗА победува со 36,5 отсто, а Нова демократија е зад неа со 27,7 отсто. Трета партија е Златна зора со 6,3 отсто од гласовите, а четврта Река со 5,9 отсто. Комунистичката партија освои 5,6 отсто од гласовите, ПАСОК 4,8 отсто, а Независни Грци 4,7 отсто.

Оценката од овие резултати е дека СИРИЗА ќе има 150 пратенички места, меѓутоа невозможно е да се предвиди дали оваа бројка ќе остане или ќе се измени до крајот на пребројувањето, односно постои можност партијата или да падне на 149 мандати или, пак, да освои 151 пратеничко место и со тоа да има апсолутно мнозинство за сама да формира влада.

Еуфорија и славеничка клима владее пред канцелариите на левичарската СИРИЗА и пред главниот штаб во центарот на Атина. Река од илјадници поддржувачи на партијата, веднаш по објавувањето на првите резултати од изборните анкети, се слеаja кон главните канцеларии на партијата и кон главниот изборен штаб недалеку од плоштадот Синтагма. Веднаш штом беа најавени резултатите кои покажуваат големо водство од околу 10 отсто пред Нова демократијa, народот почна во еден глас да вика „Дојде времето на левицата“. Пред канцелариите и пред штабот на СИРИЗА се собрани и неколку стотици странски новинари кои будно ги следат случувањата.

Алексис Ципрас пристигна во канцелариите кусо пред 21 часот за да ги проследи првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи. Беше дочекан од река поддржувачи, кои од него очекуваат да ја врати самостојноста и да ги пресече конците со кои странските кредитори ја држат Грција под контрола.

За разлика од штабот на СИРИЗА, пред главниот изборен штаб на Нова демократија се гледаат јасни знаци на разочараност. 

Премиерот во заминување, Андонис Самарас, го призна поразот велејќи дека изборните резултати не се пријатни за Нова демократија, но неговата совест по сите сработени дела овие две години останува чиста. Самарас порача дека се надева оти новата влада ќе успее да ја задржи Грција на правилен пат за нејзината европска перспектива, како и дека нема да се остварат неговите предвидувања дека со СИРИЗА Грција ќе се најде пред нови сериозни проблеми кои ќе ја загрозат нејзината европска иднина.

– Грчкиот народ се изјасни и ние ќе ја почитуваме одлуката. Мојата совест е чиста. Презедов држава која беше на раб на пропаст, ми побараа да земам во раце жешки костени и го направив тоа. Ние го избегнавме најлошото, ја вративме довербата за Грција. Поставивме основа за развој и за излез од климата – изјави Самарас.

 М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Одѕивот на гласачите до 17 часот е за 9 отсто повисок од претходните претседателски избори

До 17 часот, според Државната изборна комисија, на претседателските избори гласале 397.612 лица, односно 44,18 посто од вкупниот број запишани гласачи - 1.814.317. Најголема излезност има во Општина Новаци, над...