!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Швајцарските експерти ќе продолжат да им помагаат на македонските компании


       
Скопје, 29 септември, 2017 - 12:45 (META) 

Вицепремиерот Кочо Анѓушев и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада, потпишаа изјава за согласност во врска со соработка на проектот „Ангажман на сениор екперти за развој на мали и средни претпријатија во Македонија“.

Проектот, кој беше почнат од претходната Влада, според Анѓушев се покажал како успешен и корисен за македонските компании и затоа ќе се продолжи со реализација на овој проект. Преку него им се помага на домашните компании да се развиваат и да ги унапредуваат своите процеси.

– Досега 96 компании учествуваа во проектот, повеќе од 90 проценти искажаа подготвеност повторно да учествуваат во проектот, а 78 проценти од компаните велат дека странските експерти ги задоволиле нивните очекувања. Самиот проект доби просечна оценка 4,55 од максимални 5, што покажува дека компаниите се задоволни од странските експерти – нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Тој истакна дека со ангажман на странските експерти, на македонските компании им се нудат повеќе можности и ги издвои најважните.

– Компаниите, кои се од различни гранки, најголеми придобивки имаат во подобрувањето на квалитетот на нивните производи, креирање нови производи и можност за подобрување на извозот. Присуството на странските експерти им дава можност да воспостават деловна соработка со фирми од нивните земји и на тој начин да ги извезуваат производите или услугите – појасни вицепремиерот.

Амбасадорката Сутер Техада истакнала дека ова е трета година по ред како даваат поддршка за проектот, а со швајцарска поддршка досега се реализирани 20 мисии.

– Со швајцарска поддршка, во рамките на проектот за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), ќе бидат ангажирани петмина консултанти, за компании кои ќе бидат избрани на јавниот повик. Дознав дека една од компаниите именувала нов производ по презимето на експертот што им помагал и сметам дека тоа е мало, но значајно признание за успешноста на проектот – изјави Сутер Техада.