fbpx

Што рекоа странците за кризата во Македонија?

-

Политичката криза во Македонија изминатите денови е во фокусот на вниманието на странските дипломати и на меѓународните институции, од кои дел, во своите реакции, не се воздржуваат да ги симнат ракавиците и отворено да го остават својот отпечаток на актуелните случувања.

Еве што последно рекоа странците за кризата во Македонија:

Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија

„Се прават напори Владата на Груевски да биде обвинета дека не ги исполнува обврските кон народот, но зад тоа, всушност, се крие желбата да се изврши притисок во врска со неговото одбивање да се приклучи кон санкциите против Русија и во врска со поддршката за „Јужен тек“ и подготвеноста за соработка при реализацијатa на други алтернативи за транспорт на гориво, вклучувајќи го и таканаречениот „Турски тек“. Многу е тажно и опасно дека за таа цел се прават напори да се искористи албанскиот фактор. Пред многу години имаше сериозни спротиставувања и тогаш (во 2001 година) беше потпишан Охридскиот договор, а сега се зборува дека Македонија треба да се федерализира уште подлабоко, дури се предлагаат идеи и да биде разделена – дел да биде даден на Албанија, а друг на Бугарија. Очигледно е дека македонските случувања се контролирани однадвор“, рече министерот Лавров како одговор на новинарско прашање за случувањата во Македонија и за наводите дека станува збор за реприза на украинското сценарио, за време на неговото обраќањето во Советот на Руската Федерација.

Даниел Митов, министер за надворешни работи на Бугарија

Бугарскиот министер за надворешни работи, Даниел Митов, ја оцени изјавата на Лавров како „крајно неодговорна“.

„Обидите да се доведе во прашање европската политика во регионот и територијалниот интегритет на Република Македонија се неприфатливи“, вели Митов.

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, на вчерашната дебата во Европскиот парламент, посветена на случувањата во Македонија истакна дека македонската влада должи многу објаснувања „на своите избирачи и на своите граѓани“.

„Државата се наоѓа во една од најтешките политички кризи. Владата во Скопје должи многу одговори. Одговори за обвинувања за корупција, за снимките кои истекуваат во јавноста и покажуваат еден недемократски начин на владеење. Целосно ја подржувам интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ, но тоа е можно само под услов на договор за добрососедство, категорично отфрлање на говорот на омраза, на кражбата на заедничката историја и на признавање на правата на најмалку 90.000 македонски граѓани со бугарска националност“, рече Џамбаски.

Еди Рама, премиер на Албанија

„За жал, во Куманово, зборовите „тероризам“ и „Албанец“ беа сплотени во обид оваа етничка група да се нарече терористичка. Ова е неприфатливо не само за нас, туку и за македонската држава. Мора да ѝ биде јасно на оваа земја дека Албанците остануваат конститутивен државен играч во земјата. Нема поопасно нешто што може да ни се случи во борбата против тероризмот од употребата на поимот тероризам заради решавање на македонските настани. Мешањето на овие термини ќе биде неприфатливо за нас, исто како и теророт што го преживеаја невините жители на Куманово… Сè што ние сакаме е стабилна Македонија, Македонија во НАТО, но не безусловно или поради воени судири. Македонија не може да стане членка на НАТО без гаранција на Охридскиот рамковен договор“, рече Рама, на регионалната министерска средба за борба против тероризмот, на која учествуваат министри за внатрешни работи на неколку европски влади Рама.

Грчки европратеници

„Последните случувања во Поранешната Југословенска Република Македонија, насилните антивладини протести против владата на Груевски, врз кого меѓународната заедница ја префрла одговорноста за збиднувањата, и крвавите настани во Куманово го покажуваат зголемениот недостиг од демократија во БЈРМ, како и влошената ситуација во однос на почитувањето на човековите права, основните слободи, владеењето на правото и почитта на слободата на печатот. Истовремено, овие случувања ја ставаат под знак прашалник посветеноста на владата на БЈРМ на демократските основи и вредности кои владеат и за кои се залага ЕУ“, се вели во писмото на европратениците на Нова демократија, Марија Спираки и Манолис Кефалојанис, до Европската комисија.

 

Франк Валтер Штајнмајер, министер за надворешни работи на Германија

„Инцидентот од предминатата недела (во Куманово) ја затече Европа и ја наведе вистински да се фокусира на она што се случува. Се надевам дека тоа што го видовме не е почеток на една ескалација туку одговорните во Македонија ќе се погрижат, прво, за транспарентно појаснување на случувањата и, второ, да нема други слични настани. Благодарен сум на Европската унија која, во рамките на нејзините можности, се обидува да влијае и вложува напори, преку посредување, да дојде до расчистување на ситуацијата. Се надевам дека состојбата во Македонија не е само смирена туку оти ќе се етаблира и цврстата волја да се продолжи по европскиот пат и дека нема да има сомнежи. Не станува збор за специфична германска туку тоа е европска грижа. Секое враќање наназад на една земја од Западен Балкан може да се рефлектира врз соседството. Затоа сме заинтересирани не само да ја имаме пред очи Македонија туку, во суштина, сме претпазливи да не се создаде конфликт кој би довел до отворена конфронтација меѓу етникумите. Со мојот македонски колега за ова разговарав на маргините на НАТО-средбата во Анталија. Му кажав дека најдобар начин, најефикасно средство против сомнежите е отворено и транспарентно расчистување на случувањата. Сега треба да видиме дали ова и ќе се направи“, рече Штајнмаер на прес-конференцијата по средбата со неговиот албански колега Дитмир Бушати во Берлин.

Совет на Европа

„Советот на Европа е отворен за секакви сугестии и барања од поранешната југословенска република Македонија и ќе помогне да се врати довербата“, изјави за „Мета“ Даниел Холтген, портпарол на генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд.
Јагланд претходно во Брисел изјави дека „треба да има силна и непристрасна истрага за наводите во прислушуваните разговори, заради враќање на довербата“, додавајќи дека Советот на Европа „има неодамнешно искуство“ во надгледувањето судски истраги.

Стејт департмент

„Одблиску ги следиме настаните во Македонија и заедно со нашите европски партнери сме во тесни консултации со македонската Влада и со политичките лидери, да ја пренесеме нашата загриженост за актуелната политичка криза. Ги повикуваме двете страни да го почитуваат правото на мирно собирање и на протестирање, при што ќе се воздржат од насилство. Ги повикавме властите да направат чекор кон одговарање на обвинувањата за нерегуларности кои излегуваат од неодамна објавените материјали. Македонските лидери мора да работат заедно и да почнат дијалог за прашањата што ја спротиставија земјата, меѓу другото и за неопходните реформи и за актуелната политичка криза“, изјави Џеф Ратке, портпарол на Стејт департментот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...