fbpx

Што рече, а што, всушност, сакаше да ни каже Хан?

-

Еврокомесарот за претпристапни преговори и соседска политика, Јоханес Хан, во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“ на нему својствен начин, ја сумираше посетата на земјава во екот на политичката криза.

„Мета“ се обиде изјавите на Хан да ги „преведе“ на обичен, неполитички јазик за да биде појасно што рече, а што, всушност, тој сакаше да ни каже.

ЗА „ПУЧ“ И ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО

Рече: Оние кои ги имаат материјалите треба целосно да ги откријат и сите се добро советувани да ја остават работата на процедурата во согласност со владеење на правото. И да се справат со тоа на адекватен начин, како што се очекува од земја со европска перспектива. Ова е нешто многу сериозно и уште еднаш мојата препорака е дека работите треба да бидат разјаснети и истражени од оние луѓе кои правно се задолжени за таква процедура. Но, доколку е неопходно, исто така, треба да има, како што е вообичаено во многу земји, според политичката практика, комитет во Собранието кој ќе се справи со ова прашање, но тоа зависи од присуството на сите политички партии во парламентот. Ова е уште една добра причина и затоа има многу смисла сите политички партии да се во Собранието и политичкиот дијалог да се одвива во Собранието.

Сака да каже:

СДСМ треба да ги даде во јавност материјалите, а јас им советував да ги достават до Обвинителството. Ако е потребно, да се направи и анкетна комисија во Собранието, но за тоа СДСМ треба да се врати таму.

Рече: Видов дека се сфаќа оти мора да има политичко решение.

Сака да каже:

Да се постигне решение без судски процеси и полициски гонења.

Рече: Се работи за репутација на земјата.

Сака да каже:

Со кризава ви е нарушен имиџот во ЕУ.

Рече: Сите потврдија оти ќе биде корисно да има еден вид на надворешна поддршка за да се постигне договор кој е прифатлив за сите политички партии. Тоа е уште една вежба на демократската зрелост.

Сака да каже:

Сите се согласуваат дека треба надворешен посредник за некаков договор. Така ќе покажете дека сте демократски зрели – ова сега само покажува дека не сте.

ЗА ИМЕТО

Рече: Според нашето видување треба да се направи напредок без да бидете премногу погодени од билатералните конфликти. Мислам дека не треба да трошиме време. Треба да гледаме што може да се направи во меѓувреме за вашата земја да се движи постепено кон ЕУ. Ние асистираме и обезбедуваме многу пари за периодот од 2014 до 2020 година. Околу 660 милиони евра кои треба да се искористат за градење на капацитетите на администрацијата, но исто така за инвестиции во образованието, развој на економијата, за справување со прашања поврзани со животната средина и справување со отпадот. Има многу области каде ние треба да видиме неопходен напредок.

Сака да каже:

Не треба да се троши многу време и енергија на името. Треба да се трудите да ги земете тие 660 милиони евра што ви ги нудиме до 2020 година.

ЗА ГРУЕВСКИ

Рече: Тој е човек посветен, особено на економскиот развој, и е одблиску запознаен со сè што се случува во економијата и со активностите на бизнис-секторот и да се привлечат и странски инвестиции во земјата.

Сака да каже:

Јас му зборував за политичката криза, тој ми зборуваше за економскиот развој, за бизнисиот и за странските инвестиции.

ЗА МАКЕДОНИЈА И ЗА ЕУ

Рече: Погледнете ги бројките, околу 65 до 70 проценти од целиот увоз и извоз доаѓаат или одат за 28 земји-членки на ЕУ. Земјите-членки на ЕУ се далеку најзастапени во странските инвестиции. Јасно е дека ориентацијата мора да биде насочена кон ЕУ за понатамошно унапредување на овие бројки во смисла на големината на прилагодувањето со европските стандарди. Јас не гледам, а исто е мислењето и кај Владата и општеството, дека има алтернатива за европскиот начин.

Сака да каже:

Нема алтернатива на евроинтеграцијата.

ЗА ПАРАЛЕЛНИ ПРЕГОВОРИ ЗА СПОРОТ ЗА ИМЕТО И ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ

Рече: Мислам дека мора и треба да има некој начин. Како што веќе кажав, не треба повеќе да губиме време бидејќи се работи за процесот, а не само за преговорите да се усогласат со аки комуните (европското законодавство). Кога треба да почне и да се имплементира одреден процес, потребно е време и затоа треба да се истражат можностите покрај некои билатерални конфликти и се надевам дека може да го искористиме времето на еден претпазлив и паметен манир и тогаш може да видиме кои решенија може да ни ги понуди иднината. Спорот за името е нешто што има билатерални импликации. Јас мислам дека поважен и порелевантен е развојот за земјата, општеството, економијата, се работи за борбата против корупцијата, транспарентноста и независноста на судството, сè што е поврзано со владеењето на правото и перформансите на економијата. Јас мислам дека сè заедно треба да се гледа како еден пакет. Мислам дека ова е најважното, бидејќи тоа е предизвик кој треба да се постигне, кој одзема многу време. Мора да бидеме амбициозни, но, од друга страна, и доволно трпеливи за да ги постигнеме овие цели.

Сака да каже:

Да, да. Кажав веќе двапати. Не треба да се губи време. Сè друго (развојот за земјата, општеството, економијата, борбата против корупцијата, транспарентноста и независноста на судството, владеењето на правото и перформансите на економијата) е поважно од спорот за името.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...