fbpx

Што прескокна и што заборави да каже Коце Трајановски во отчетот

-

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска пред новинарите го презентираше отчетот за реализираните проекти во 2016 година и најави некои проекти кои ќе почнат годинава. На прес-конференцијата тој зборуваше и за проекти што се почнати минатата година, а ќе се реализираат годинава.

Трајановски се пофали со проекти почнати уште на крајот на 2015 година, кажувајќи дека се почнати лани. Такви се третата фаза од реконструкцијата и проширувањето на булеварот Борис Трајковски, од Стаклара до влезот на Пинтија, и проширувањето на булеварот Србија.

– Во 2016 година го почнавме и проектот за пробивање на булеварот Србија до улицата Христо Татарчев, чија реализација ќе биде завршена годинава – рече денеска Трајановски.

Но, тој проект е почнат, исто како и претходниот, во декември 2015 година, а тогаш беше најавено дека рокот за завршување е 20 месеци, односно се совпаѓа со рокот што Трајановски го кажа и денеска.

Што се однесува до проектите на територијата на општина Аеродром, Трајановски се „пофали“ дека се работи на проекти што, всушност, требаше да бидат поодамна готови. Таква е состојбата со доизградбата на булеварот АСНОМ (првично ветен за 2014 година), како и со втората фаза од проектот за реконструкција и за проширување на булеварот Трета македонска бригада. Овој проект требаше да биде готов до 2015 година, потоа имаше најави за октомври лани, но на него сè уште се работи.

Трајановски се пофали и со изградбата на кружниот тек пред влезот на Железара, чија изградба исто така доцнеше.

Скопскиот градоначалник во денешниот отчет ја наведе и реконструкцијата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош во делот на Чаир, на потегот од булеварот Џон Кенеди до улицата Рокомија, за која рече дека ќе заврши оваа година. Но, работите на овој проект се одвиваа многу бавно, и тоа главно во октомври и во ноември лани, иако проектот почна при крајот на април лани, а сега речиси два месеца се во застој, па прашање е дали ќе се запази рокот од една година, односно крајот на април годинава, што Трајановски го наведе при означувањето на почетокот на работите.

Во општина Чаир, скопскиот градоначалник денеска спомена дека во тек се градежните работи за изградба на атмосферска канализација на улиците Џон Кенеди и Кемал Ататурк, но не наведе дека проектот требаше да заврши до крајот на септември лани.

Трајановски при денешниот отчет повторно најави реконструкција на улицата Никола Карев, односно т.н. Пластичарска. Тоа, инаку, го прави речиси секоја година.

Градоначалникот на Град Скопје се пофали со реконструкција на две улици во општина Сарај, но не кажа дека главната улица во оваа населба, за чија делумна реконструкција денеска кажа дека ќе заврши годинава, требаше да биде завршена два месеца по почетокот на работите (23 април 2016 г.), односно најдоцна до крајот на јуни 2016 година.

Што се однесува до општина Карпош, Трајановски кажа дека лани е почната изградбата на фекалниот колектор по должината на булеварот Партизански одреди, на потег од улицата Московска до булеварот 8 Септември, но не кажа дека тој проект, според изборното ветување на изборите во 2013 година, требаше да биде завршен до крајот на 2014 година. Скопскиот градоначалник испушти да каже и дека работите почнаа на почетокот на август лани, а најавата тогаш беше дека ќе завршат за три месеци.

Што се однесува до најавата дека годинава ќе почне изградбата на кружниот тек на булеварот 8 Септември кај „Хубо маркет“, Трајановски срамежлива најава даде и на почетокот на 2015 година, а на крајот на октомври 2015 година беше објавен оглас за проект за тој кружен тек. Кратко потоа беше најавено дека тој кружен тек ќе почне да се гради во 2016 година, а во денешниот отчет градоначалникот на Скопје повторно го најави почетокот на тој проект.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...