!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Што препорачува Прибе за медиумите: Ослободување од ДДВ, намалени даноци…


       
Скопје, 15 септември, 2017 - 16:40 (META) 

Констатирајќи дека состојбата на медиумите во Македонија е поприлично лоша, вториот извештај на Рајнхард Прибе објавен вчера, дава низа препораки за подобрување на медиумската сфера.

„Спроведувањето на сите препораки, вклучувајќи ги и главните препораки од 2015 година, е неопходно за справување со системските проблеми на медиумите“, се вели во извештајот.

  • Владата мора да стори сè за сите медиумски реформи да се вклопат во сеопфатна стратегија, да бидат добро испланирани и засновани на истражувања, како и на веродостојни, навремени и транспарентни консултации со сите учесници, и од јавниот и од приватниот сектор, без дискриминација и да вложи напор нивните забелешки да бидат сфатени сериозно;
  • Земајќи ги предвид специфичните предизвици со кои се соочени печатените медиуми, треба да се усвојат мерки како ослободување од ДДВ или од други даноци, за да има плурален медиумски склоп;
  • Секој медиум мора да усвои кодекс на однесување и да го објави на својата веб-страница. Треба да се создаде механизам за забелешки за случаите за обвинување за прекршување на кодексот;
  • Мора да се дава приоритет на истрагите на нападите врз кој било новинар и тие да завршуваат бргу;
  • За да се засили улогата на медиумите во барање отчет од власта, треба да се поттикнува истражувачкото новинарство и јавните институции и медиумите треба да ја овозможат неговата работа.

Неколку препораки се дадени и за подобрување на работењето на јавната радиодифузна куќа МРТ:

  • Мора итно да се обезбедат соодветни средства за да се засили нејзината независност и за да се овозможи ефикасно работење и управување. Законските измени или одредбите мора да овозможат МРТ да биде целосно транспарентна и отчетна пред сите засегнати страни, активно да соработува со сите релевантни засегнати страни и да се погрижи сите граѓани, без разлика на политичката ориентираност, пол, возраст, попреченост, итн., да бидат со уверување дека МРТ е нивен радиодифузер, а не инструмент на политичките партии или на други играчи. Менаџментот на МРТ мора активно да соработува со сите засегнати страни. За да се смени јавното мислење за МРТ би помогнало усвојувањето стратегија за комуницирањето и за вклучувањето на различни чинители, која би била создадена заедно со сите засегнати страни;
  • Мора да се разјасни ситуацијата со финансирањето на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумси услуги и во целост да се гарантира независноста на Агенцијата, вклучувајќи го тука и нејзиниот Совет.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.